За дваесет години во земјите од Западен Балкан беше постигнат ограничен напредок во процесот на пристапување кон Европската унија, а во Србија, паралелно со тоа, во медиумите се градеше наратив за „злобниот Запад“.

Ненад Бушиќ

Сè повеќе млади луѓе од Западен Балкан, особено во Србија, се вртат кон евроскептицизмот. Од една страна, тоа е разбирливо – младите ја загубија довербата во процесот на пристапување кон Европската унија. Во последните дваесет години, откако на регионот му беше дадена перспектива за членство во Солун во 2003 година, членка стана само Хрватска. За дваесет години во земјите од Западен Балкан беше постигнат ограничен напредок во процесот на пристапување кон Европската унија, а во Србија, паралелно со тоа, во медиумите се градеше наратив за „злобниот Запад“. Покрај сè, важно е да се напомене дека мнозинството млади луѓе не разбираат што претставува реформскиот процес, а причината за тоа секако се наоѓа и во недостигот на комуникација на политичарите кон младите во нивните јавни настапи, како од левата, така и од десната страна на политичкиот спектар. Ова во голема мера се рефлектира во ставовите на младите. Денес, 41 отсто од младите не го поддржуваат членството на Србија во ЕУ.

Од друга страна, младите бараат перспектива за иднината токму во земјите од Европската Унија и земјите блиски до неа. Ова покажува суштинско неразбирање на процесот на европска интеграција на регионот. Она што младите го гледаат како пожелни услови за живот, а тоа се, пред сè, подобар животен стандард, почитување на човековите права и уважување на владеењето на правото, како и основните демократски принципи, се главните двигатели за одливот на мозоци во регионот. Ние ги делиме стремежите за воспоставување држава и општество по европски и демократски стандарди, меѓутоа, благодарение на релативизирањето на тие поими во јавниот простор, претставувајќи ги како наметнати вредности, доаѓаме во ситуација начелно да им се спротивставуваме. Ваквата состојба на општеството ја гледам како крајно опасна, бидејќи таквото општество лесно запаѓа во кризи, кои политичките елити можат да ги користат за остварување општествен и политички профит. Иако зборувам за младите, сето ова може да се примени и на другите генерации од нашето општество – луѓето веќе немаат доверба во креаторите на политиките и сè помалку веруваат во членство во ЕУ. Овде и Европската Унија направи голема грешка, бидејќи не го препозна навреме заморот од приказната за проширувањето кај луѓето во регионот. Тоа се одразува и преку податокот дека дури 43 отсто од населението не верува дека Србија некогаш ќе стане членка на ЕУ. Во последните шест месеци гледаме дека тоа се менува, што, за жал, е предизвикано од војната во Украина. За жал, затоа што Унијата не ја препозна навреме потребата од реформирање на пристапниот процес, но и на нејзината внатрешна структура.

За да се постигне интеграција на регионот во ЕУ, неопходни се реформи од двете страни, но тие мора да бидат придружени со едукација на населението користејќи ги сите канали за комуникација дека процесот на европска интеграција не е само шминка и додавање на знамето на ЕУ на државните институции – туку дека, всушност, претставува процес со кој на граѓаните ќе им се овозможи поквалитетен и поздрав живот, каде никој, без разлика на функцијата што ја извршува, нема да биде над законот.

 

Ненад Бушиќ, претседател на Форумот на млади на ЕПуС