Почнаа да се поместуваат кулисите на нашиот глобален брод, без јасни координати за пат. Само пловиме, гледаме да го сочуваме бродот. Секојдневно се менуваат правилата и ограничувањата, додека бурата беснее.

Пишува: Д-р Амет Ибро

Пред ерата на короната, бевме во брзање кое владееше насекаде. Со хроничен недостаток на време, се занимававме со нешта кои се чинеа толку важни, што понекогаш немавме време ниту за своите најблиски. А тогаш на сцена настапи едно мало суштество, кое дури не може ни да се размножува само, па сме му потребни ние. И, како што сѐ што живее, настојува и бара начин да преживее, така и тој мал мутиран вирус си тера по негово. Од Вухан во провинцијата Хубеи полека, но сигурно го освојува светот. Почнаа да се поместуваат кулисите на нашиот глобален брод, без јасни координати за пат. Само пловиме, гледаме да го сочуваме бродот. Секојдневно се менуваат правилата и ограничувањата, додека бурата беснее. Среде таа бура први се најдовме ние, медицинските работници. Весниците се полни со јунаци во последниве 8-9 месеци. Само летаат наслови по весниците и по блоговите за лекари кои во првите борбени линии гради в гради се борат со вирусот на корона. Исповеди на анестезиолози, на персоналот на интензивна нега. А, всушбост, тоа се луѓе што си ја работат работата најдобро што можат. Некролозите се полни со такви луѓе. Полека се забораваат. А што е со пекарите, со аптекатите, со касиерките, со чистачите на улици… кои не се најдоа на насловните страници. Што е со бабите, со дедовците, со тетките, со чичковците, со родителите… Дојдовме до тоа короната да нѐ учи како да живееме. Ги оживува исконските човечки вредности во нас. Се обидува да го разбуди оној мал витез во секого од нас, кој клечи таму некаде и чека со својата несебичност да го направи светот барем малку подобар. Мал витез што ќе ги натера учениците трудољубиво и вредно да работат од дома. Оној што ќе разграничи што е важно, а што навистина има значење за нашиот живот. Јунак, кој ќе се покаже така што ќе го кренеме погледот од нашите телефони и телевизори и ќе нѐ натера да размислиме за секој поединечен живот на нашиот глобален брод. Да се сочуваат бабите и дедовците, ние да ги сочуваме. Ние и понатаму ќе ја работиме нашата работа, без оглед на тоа колкава е бурата, не плашејќи се од грмотевиците. Вие? Вие разликувајте го потребното од неопходното. Навиките, потребите и барањата нека бидат релативни. Сфатете дека и изолацијата е релативна, бидејќи секако сме неважни едни без други. Пробајте тазе испечен домашен леб. Така и невремето ќе стивне. А кога ќе мине, нема да бидеме исти.

Д-р Амет Ибро, гинеколог, работи во неколку болници на Косово.