Клучното прашање е дали ЕПЗ е, всушност, надворешниот слој во Макроновата, и општо земено, во француската долгогодишна визија за повеќеслојна Европа или Европа на концентрични кругови, наменет за државите за кои францускиот претседател смета дека треба да бидат оддалечени од јадрото на одлучување.

Нада Богетиќ

Половина година откако францускиот претседател Емануел Макрон иницира формирање на нов тип на европска заедница, што тогаш предизвика сомничавост кај државите кои се стремат кон влез во ЕУ, како и кај одредени членки кои сметаа дека на тој начин се блокира ширењето на Унијата, таа тема во Црна Гора не предизвикува речиси никакво внимание ниту кај јавноста, ниту кај политичките структури.

Една од причините за тоа може да биде опуштената и прешироко поставена структура на Европската политичка заедница (ЕПЗ), без јасно дефинирани барања, проекти и придобивки, во која се повикани сите освен Русија и Белорусија, и како таква, за разлика од проектот Западен Балкан, таа на актерите на бурната политичка сцена на Црна Гора не им нуди материјал за меѓусебни подривања и собирање поени кај избирачите.

По инаугурацискиот состанок на Европската политичка заедница, на кој порано месецов во Прага присуствуваа 43 лидери и кој европските претставници го окарактеризираа како „најголем европски собир во последниве неколку години“, се добива впечаток дека новиот европски формат можат сите да го толкуваат во согласност со сопствените потреби.

Додека британската премиерка Лиз Трас од ЕПЗ очекува „опипливи резултати“, германскиот канцелар Олаф Шолц конструктивен разговор „без потреба од конкретни заклучоци“, лидерите на Западен Балкан, вклучувајќи го и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, ЕПЗ главно ја толкуваат како поширока рамка која не претставува алтернатива за членството во ЕУ, туку го вклучува и Западен Балкан во разговорите за решавањето на актуелните проблеми.

„Црна Гора е заинтересирана за членство во Европската унија, а не за алтернатива на членство, и ќе поддржи сè, вклучувајќи ја и Европската политичка заедница, доколку тоа е начин за забрзување на пристапниот процес кон ЕУ“, рече Ѓукановиќ.

И покрај уверувањата од Брисел, би било наивно да се очекува дека за забрзување на пристапниот процес може да придонесе идејниот проект на човек познат по скептичните ставови во врска со ширењето на ЕУ, кој не се двоумеше да го блокира отворањето преговори за пристапување на Северна Македонија и на Албанија.

Меѓутоа, за разлика од регионот, каде што функционерите, аналитичарите и колумнистите во разни медиумски формати укажуваат на придобивките, а почесто на опасностите од Макроновиот проект, таквиот вид дебата во Црна Гора изостана. Не се доведува во прашање официјалниот наратив на Брисел дека ЕПЗ „нема да ги замени политиките и инструментите, првенствено проширувањето, и дека во целост ќе ја почитува автономијата на одлучување на Европската унија“, а ниту како ќе биде организиран новиот формат на соработка со преку 40 држави и ќе носи ли воопшто конкретни одлуки.

Самитот на ЕПЗ не беше инспиративен за дебата во Црна Гора, меѓу другото, и поради тоа што не се занимаваше со теми како демократизација на општеството и владеењето на правото, туку имаше за цел, пред сè, да демонстрира единствен европски фронт против Москва. Може да се каже дека таа демонстрација успеа, бидејќи на самитот присуствуваа Србија и Турција, иако единствено тие не ги усвоија санкциите против Русија.

Од друга страна, Црна Гора – која според последниот извештај на Европската комисија не остварила напредок во реформскиот процес неопходен за европски интеграции, но е во целост усогласена со надворешната политика на ЕУ, особено околу прашањето за мерките против Русија – на самитот беше во својата зона на комфорот.

Меѓутоа, клучното прашање е дали таа зона на комфор и ЕПЗ се, всушност, надворешниот слој во Макроновата, и општо земено, во француската долгогодишна визија за повеќеслојна Европа или Европа на концентрични кругови, наменет за државите за кои францускиот претседател смета дека треба да бидат оддалечени од јадрото на одлучување.

Тоа би била замка во која Црна Гора не може да си дозволи да падне, особено не во сегашните околности на екстремна поларизација и политичка нестабилност, кога членството во ЕУ е една од ретките цели за која постои општествен консензус. Тоа е и замка која политичкиот естаблишмент и јавноста во Црна Гора, фокусирани на дневнополитичките превирања, не се во состојба или не сакаат да ја регистрираат.

 

Нада Богетиќ е новинарка во редакцијата за надворешна политика на дневниот весник „Вијести“ и преведувачка