Преку југословенскиот Јуваx систем насекаде низ светот се води борбата со вакцината „Козара 6“. Некои од братските неврзани народи веќе се враќаат во нормално функционирање во општествено културниот живот, а многу од нив повторно ги отворија и казнените кампови.

Моџо Килингтон

Како што предвидуваа домашните, но и меѓународните експерти, а годината и докажа, уште долго во фокусот на југословените и светот ќе е здравјето. Состојбата доведе до таму да месната индустрија објави и состав на месните конзерви за намена на ЈНА кои како што видовме немаат месо. Злобниците би рекле дека војската ни е веганска, а нашите народи и народности анемични. Но тие контрареволуционерни гласови ги побива реалноста. А каква е таа?

Преку југословенскиот Јувакс систем насекаде низ светот се води борбата со вакцината „Козара 6“. Некои од братските неврзани народи веќе се враќаат во нормално функционирање во општествено културниот живот, а многу од нив повторно ги отворија и казнените кампови. Честитки секој ден како конфети стигаат до челниците на Југославија со пофални зборови и ловорики. Праксата само ја потврдува вербата на научниците од Југославија кои тврдеа дека вакцината е ефикасна 109% против Ковид. 100% против Ковид и дополнителни 9% за Ебола од која настрада дел од чесниот работнички народ на ДР Конго. И додека разделената Европска унија дебатира, САД преземаат конкретни чекори за одобрување на оваа вакцина поради лошите здравствени и економски услови. Ова го објави и самиот американски претседател во комплексот за производство на „Козара 6“ во Долна Батајница каде што беше воодушевен од хигиената и ручекот во мензата.

Но да сме искрени. И во Југославија на терен има проблеми со вакцинацијата. Имено во Задар се појави здружението „Хрватска вакцинална пролет“ кое поради кириличното упатство за употреба на вакцината „Козара 6“ истата ја отфрла и бара да се направи чисто хрватска вакцина. Како што додаваат со кирилица не се вакцинираат! Тие ја преферираат вакцината „Павелиќ 2“ која сѐ уште не е одобрена. Здравствените власти предупредуваат дека вакцините кои се на црниот пазар како што се „Павелиќ 2“, „Дража М“ имаат многу нуспојави, а не се препорачуваат и за употреба кај лица од народностите. Како нуспојави тие наведуваат неможност за кординирање на мисли, лесна подводливост на единката, како и нереалност по предметот географија. Здравствениот републички сојуз бара најостро да се казнуваат производителите на овие нелегални вакцини кои наместо заштита можат да донесат повеќе штета.

За среќа Македонија нема такви проблеми, властите во таа сојузна држава ни преку Јувакс системот не успеаа да набават вакцини иако Јака од Радовиш има лиценца за производство.

Будното око на југословенската јавност е насочена и кон немирите во ЕУ. Нашите олеснувачи Анте Пухало, Сеад Хаџиселимовиќ и Добривоје Панчиќ со максимални напори се трудат да ги седнат на иста маса лидерите на унијата, но иредентизмот и сепаратизмот земаат замав. Дека состојбата е тешка кажува тоа што и лидерите на земјите од ЕУ го одбија економскиот пакет од Југословенската банка за развој и помош на ЕУ во вредност од 800 милијарди стари динари кој требаше да внесе свежина во пропаднатите економии на Германија, Франција и другите земји. Разликите изгледаат сѐ поголеми и југословенскиот народ се надева дека ќе се изградат мостови за да се избегнат потешки инциденти.

Но не е југословенскиот народ туку и економијата е во опасност од овие превирања. Имено, сѐ погласни се барањата за подобри работни услови на германските текстилни работнички во фабриките на „Вартекс“ и „Отекст“, а производството на Застава 202 во погоните на Цитроен во Франција е намалена за 16% поради неизвесноста која владее.

За крај и демант од Електро индустрија – Ниш за написите на компјутерските системи за комуникација меѓу корисници дека во вакцината „Козара 6“ е вграден микорчип со големина на џебно радио кое на вакцинираните додека спијат им чита партиски соопштенија. Од ЕИ – Ниш велат дека таков уред не постои, а и да го произведат тоа ќе го стават во корист на подобра иднина на нашите народи и народности!

Да живеат сите југословени сложно. Во Германија, САД, Австралија…

 

Моџо Килингтон, автор, писател, сценарист и влијателен твитерџија… Објави збирка песни „Аутопсија на љубовта“ и романот „Денот кога не се разбудив“.