Можеби лекциите од историјата ќе нѐ поттикнат сите заедно, во корист на вистинската европеизација на Балканот, да почнеме да ги нарекуваме главните извори на нестабилност на Балканот со нивното вистинско име.

Момчило Радуловиќ

Залудно Еди Рама, на неодамнешниот Бледски форум, лесно ја допираше раката на претседателот Румен Радев, барајќи од него, со пријателска насмевка, Бугарија да престане да го блокира отворањето на преговорите за Северна Македонија, а со тоа и за Албанија, бидејќи сите ние треба да се водиме од вредностите на Европската унија.

Рама, како и авторот на овие редови, во повеќе наврати повтори дека новата политика на ЕУ и нејзините лидери денеска се води од национализам и анкети на јавното мислење, а не од основните вредности на ЕУ и идејата за Европско обединување.

За жал, потврди за таквите тврдења денеска можат да се најдат во речиси сите земји -членки на ЕУ и интензитетот на двојните стандарди само расте со големината на земјата и на нејзината економија.

Примената на овие стандарди „don’t do as I do, do as I tell you“ е можеби највидлива во политиката кон Западен Балкан и особено во активностите на најголемите членки на ЕУ во оваа област. Така, договорите за српските аеродроми, изградбата на метро во Белград или потенцијалната екстракција на литиум се претворија во голем превез преку очите на водечките европски лидери, кои не сакаат да видат што прави Александар Вучиќ за да ги уништи институциите во Србија или за да предизвика нестабилност во земјите од регионот.

Накратко, колку се поголеми договорите и инвестициите на европските компании (главно француски и германски) во Србија на Вучиќ, толку се пониски стандардите за демократија во таа земја и поголема е нестабилноста во другите земји од Западен Балкан. Со таква политика, лидерите на ЕУ уништуваат еден од основните принципи на интеграција во ЕУ: дека со европските инвестиции и приближувањето кон ЕУ мораат паралелно да одат и стандардите на европската демократија.

И тука доаѓаме до серија прашања, чии потенцијални одговори нѐ плашат сите нас кои со децении искрено и до последниот атом сила се бориме за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Прво, која е суштинската разлика во вредносна смисла помеѓу инвестициите што доаѓаат од земјите на ЕУ и оние инвестиции што доаѓаат од таканаречените трети земји?

Второ, до кога одредени лидери на ЕУ ќе молчат или тивко ќе ја одобруваат политиката на медиумска, политичка, институционална, свештеничка, културна и економска војна што Србија на Вучиќ ја води над Црна Гора веќе со години? Ако им е тешко да ја анализираат сегашноста, нека се вратат малку во минатото и нека го анализираат односот на Германија кон Австрија пред Аншлус. Ќе бидат изненадени од паралелите што ќе ги најдат во сегашниот однос на Србија кон Црна Гора.

Можеби тогаш лекциите од историјата ќе нѐ поттикнат сите заедно, во корист на вистинската европеизација на Балканот, да почнеме да ги нарекуваме главните извори на нестабилност на Балканот со нивното вистинско име, проследено со политика на сериозни санкции за секоја понатамошна имплементација на политиката на „српскиот свет“ која, за чудо, според она што го кажува Вучиќ, и не постои. Тука треба да се потсетиме дека Слободан Милошевиќ до самиот крај тврдеше дека Србија не учествувала во ниедна војна на Балканот.

Конечно, земајќи ја предвид оваа мини студија на случај на вредносен и интересен триаголник меѓу одредени лидери на ЕУ и институции на ЕУ од една страна, Србија на Вучиќ од друга страна и дестабилизацијата на Црна Гора и БиХ од трета страна, се поставува стратешко прашање за влијанието на таков систем на двојни вредности врз зајакнувањето или слабеењето на европските и евроатлантските интеграции на целиот регион.

Повеќегодишната инерција на партнерите од ЕУ и НАТО, кои, од една или од друга причина, релативно мирно гледаат како преку политиката на „српскиот свет“ во суштина се спроведуваат концептите на многу поширокиот „руски свет“ во регионот на Западен Балкан, може, во поголема или помала мера, да резултира и со тоа дека рефлексиите на таквите политики можат, како бумеранг, негативно да се вратат и на внатрешен и на надворешен план во нивните домицилни политики.

Затоа е важно сите ние да се обидеме сериозно и принципиелно да се вратиме на иницијалните вредности на европската интеграција, да ги отфрлиме во најголема мера двојните стандарди и барем накратко да престанеме да се расфрламе со флоскули што станаа трагикомични за сите кои искрено поддржуваат членство на земјите на Западен Балкан во ЕУ.

Во тој дух, да се вратиме малку на почетокот на овој краток осврт.

Имено, на молбата на Рама, бугарскиот претседател Радев одговори дека секоја земја од Западен Балкан мора да помине низ ригорозни процеси и многу строги процедури сѐ до самото зачленување, како што тоа го направија Бугарија и другите земји на ЕУ.

На тоа во салата изби смеа.

Искрена, цинична, воздржана и кисела.

Исто како и ЕУ интеграциите на земјите од Западен Балкан денеска.

 

Момчило Радуловиќ, претседател на Советот на Агенцијата на Црна Гора за спречување корупција