Дали можеби бројните театарски фестивали, од Словенија до Македонија, со предзнакот меѓународни, се места каде што тој ограничувачки простор на слободата сепак може успешно да се пробие?

Младен Биќаниќ

„Кога станува збор за слободата на изразување во регионот, ситуацијата претставува предизвик и е сè полоша. Според Индексот на слобода на медиумите во светот на организацијата ‘Репортери без граници’ за 2023 година, Босна и Херцеговина е рангирана на 64-тото место, Косово е на 56-тата позиција, Србија на 91-вата, а Црна Гора на 39-тото место, од вкупно 180 земји.

Писателите, новинарите и другите јавно ангажирани лица се соочуваат со сè помал простор каде што можат да се слушнат алтернативни гласови…“ (според Извештајот на Меѓународниот ПЕН Центар „Токсични наративи што ја гушат слободата на изразување на Западен Балкан“ – весник „Денес“, 24.Х.2023)

Таква е ситуацијата кога станува збор за слободата на печатот и на јавните зборови во медиумите денеска на овие простори – но, дали некаде на друго место, да речеме во театар, можат да се забележат и некои охрабрувачки и попосакувани придвижувања?

Дали можеби бројните театарски фестивали, од Словенија до Македонија, со предзнакот меѓународни, се места каде што тој ограничувачки простор на слободата сепак може успешно да се пробие?

Присуствувајќи на некои од нив, во последниве две децении, мислам дека внимателниот и добронамерен набљудувач сепак може да стекне впечаток дека таквите места на собири на театарските работници, но и на многу заинтересираната публика, носат, преку театарската игра, меѓусебни средби и размена на искуства, и тоа како добредојдена промена која се „противи на доминантните наративи“.

Бидејќи, тука, понекогаш, навистина се случува она „неискажливо“ – кое Нобеловиот комитет за доделување на овогодишната награда за книжевност го употреби при доделувањето на наградата на писателот Јун Фосе за „…творештво вкоренето во јазикот и природата на неговото норвешко потекло со уметнички техники на трагата на модернизмот и за иновативните драмски дела и прозата што го соопштува неискажливото..“

Веќе и летимичен поглед на некои од меѓународните театарски фестивали во Хрватска, БиХ и Србија во последните години, лесно може да потврди дека е така. Во Босна и Херцеговина, да речеме, со реномираниот МЕСС фестивал во Сараево што собира театарски куќи и групи не само од нашите простори, туку од целиот свет, како белградскиот БИТЕФ, или загребскиот Фестивал на светскиот театар, домашниот театар може само да профитира од размената на искуства и преплетот на современи театарски тенденции и поетики на едно место.

Слична е ситуацијата и со театарските фестивали кои повеќе се потпираат на театарските дострели од регионот: Фестивалот на мали сцени во Ријека, Интернационалните театарски средби во Брчко, Меѓународниот фестивал на театарот Златна Вила во Приједор, или Desire Central Station во Суботица, наведувам само некои примери – фестивали кои сум имал прилика да ги следам и да пишувам за нив – исто така претставуваат исклучителни средби на луѓето од театарот, но и на публиката, кои ги рушат и соборуваат оние вештачки поставени граници што омеѓуваат.

„Никаква Библија во театарот не може да те научи да создаваш, тоа е, пред сè, одлука да не знаеш ништо за резултатот. Рутината ја убива уметноста“, гласат зборовите на театарскиот работник Андраш Урбан. Но, таа рутина може да се сфати и поинаку, многу пошироко – рутината со која сме се наметнале во нашите секојдневни животи, сме заборавиле дека постојат и некои други важни нешта во животот за кои, меѓутоа, треба да се избориме – како слободата, која не ни е дадена еднаш засекогаш.

На тоа нè потсетува и филмскиот режисер Горан Марковиќ кога вели: „…Треба само да се побуниме. Да кажеме јавно: Не сакам да живеам вака!…“

И театарските фестивали во регионот, се покажа, можат да бидат добра брана против таа анестезија.

 

Младен Биќаниќ, новинар, театарски критичар