Мир нема кога физички се напаѓани политички неистомисленици; кога пристигнуваат смртни закани и кога им се закануваат на членови од семејството, кога ни се закануваат со отказ; кога стигнуваат пораки како „Или го сакаш нашето знаме на својата фасада, или си предавник“

 Мирослав Кевежди

Војната, по дефиниција, претставува интензивен вооружен конфликт меѓу држави или нации. Доколку останеме на ова сфаќање, тогаш многу држави или нации како веќе да живеат во мир, а оние помалубројните, кои излегле од мирниот колосек некако ќе се вратат во него – мирот е природна состојба, а војната е неприродна и затоа не може долго да трае; потсетувањето на мирот е само церемонија, а мировните процеси им припаѓаат на политиките на несреќните локалци. Но, дали е баш така?

Нешто поширокото сфаќање на војната нѐ води до војната против тероризмот или мафијата, до медиумските војни, до војна на нервите. Државите и нациите, како и нивните конфликти, не мораат да бидат најважните одредници на војната. Бомбардирањето со информации, вознемирувањето со закани, оставањето на чекање – покажуваат дека мирот го нема многу почесто. Мир нема таму каде што е присутен каков било облик на насилство.

Истражувачот на насилството Маркус Фат препознава пет различни форми: физичко, психичко, суптилно, структурално и законско насилство.

Физичкото насилство, она најочигледното, ја подразбира секоја штета нанесена на физичкото тело на друга личност, директно (со оружје, со предмет) или индиректно (со запоставување, со пропуст).

Психичкото насилство ги подразбира оние меѓучовечки интеракции кои првенствено го нарушуваат менталното здравје. Облици на вакво насилство се, на пример bullying или mobbing – однесување кое е агресивно, насочено кон повредување на другиот и кое се повторува. Психичкото насилство не мора да предизвика психичка штета, но предизвикува психички консеквенци – психосоматски заболувања, суицидални тенденции, суицид.

Суптилното насилство е форма на насилство кое се огледува во сите комуникации кои го тераат некого да ја преземе целата вина за сите проблеми. Пример се емоционалните уцени од типот „Ако навистина ме сакаш, тогаш…“, „Ако ме оставиш, јас ќе…“ Фат истакнува дека овој вид насилство е посебен затоа што овде како да е присутна добра намера – насилникот мисли дека на тој начин ја зачувува врската. Консеквенците, пак, се исти како и кај психичкото насилство.

Структурното насилство се однесува на условите под кои општествените структури имаат штетно влијание врз луѓето кои живеат под нив. Примери за ова се буката и загадувањето, но и монотоните работни услови и работата поврзана со висок здравствен ризик.

Законското насилство е сето она насилство кое се врши од страна на власта, за што таа самата не е гонета и не трпи последици. Највидливите форми се активностите на полицијата, армијата, судството, но и на другите органи на власта.

Насилството, во принцип, се толкува различно: како средство за постигнување на некоја цел (мотив, намера); како губење на контролата (способноста за контрола); како фасцинација (наклоност, општа црта на човекот); променлив статус во рамките на процесот на развој (ефект на развојот).

Мир нема кога физички се напаѓани политички неистомисленици; кога пристигнуваат смртни закани и кога им се закануваат на членови од семејството, кога ни се закануваат со отказ; кога стигнуваат пораки како „Или го сакаш нашето знаме на својата фасада, или си предавник“, „Ние сме пријатели, а тоа што го правиш ти не го прави пријател (значи, непријател си)“, кога со секој нареден ден квалитетот на водата, воздухот, живеалиштата, безбедноста, работното место – станува сѐ понизок; кога власта создава амбиент за прогон на граѓани, активисти, новинари, синдикати и други актери на цивилното и на демократското општество.

Како принцип кој стои во заднината на насилството се препознава таканаречениот One-and only (еден и само еден) принцип во вид на една личност, идеја, политика, религија, нација, раса итн.

Мирот е коегзистенција во комплексноста.

 

Мирослав Кевежди, историчар на филозофија