Дали европската практика на „четири слободи“ ќе покаже прогресивна моќ во Регионот? Дали болката од породувањето ќе ги освести и недоверливите да „скокнат во возот“?

Милош Шолаја

Ретки се регионите во светот во кои државите толку добро се разбираат, а остануваат оддалечени една од друга, како што е на Балканот. Поради фактот дека етничките, верските, политичките и други разлики ги раскараа народите и нивните држави и дека сето тоа трае стотици години, во светската политиколошка терминологија влегоа пејоративните зборови „балканизам“, „балканштина“, „балканизација“, а сите тие означуваат една погрдна регионална менталитетска црта.

Колку што географијата му дала на Балканот одлични можности да се дефинира и регионално да се идентификува, толку историјата и глобалните политички силници грубо се пошегувале и го оставиле Регионот поделен во сите димензии, така што никогаш не воспоставил некој свој природен центар во кој се вртат и дефинираат регионалните политики. Единствениот идентитет кој Балканците го изградиле и со кој се одредуваат во светот остана пејоративен – Балканот е простор со непремостиви поделби, примитивен, заостанат, конфликтен, нестабилен, несигурен…

Иако балканските народи и држави од антички времиња до денеска настојувале да најдат нешта што ги поврзуваат и да остварат регионална соработка, тоа не им успеваше сè до пред крајот на студената војна. Во самракот на биполарната рамнотежа се бараше меѓународна излезна стратегија за сите држави заробени во канџите на црвеномандаринската бирократија на социјализмот, темелена на идеи кои доаѓаа од Запад, што го обележа првиот бран на регионални иницијативи (Балкан 1.0).

Втората фаза почна по војувањата на Балканот иницирани и обележани со исчезнувањето на федеративна Југославија. Мнозинството идеи и иницијативи кои го обележаа вториот бран (Балкан 2.0) се темелеа на потребата на балканските држави и народи да градат свој простор на слобода, демократија и слободна трговија. Слабиот резултат ја поттикна Европската унија во своите проекции за соработка со своите членки и со „државите аспиранти за членство“ да го започне процесот „Европа на макрорегионот“, настојувајќи со тоа посилно да ги вклучи во интеграциите кои и самите ги градеа. Иако таа книга за Балкан 3.0 сè уште не е затворена, не се видливи поголеми резултати. Традиционалната балканска „тврдоглавост“ во отпорот кон секаков вид соработка и глобалната светска слика го оставија процесот недовршен.

Речиси сите иницијативи и педесетина регионални проекти беа „увезени“ во Регионот. Се очекуваше да бидат сфатени како идеи кои ќе поттикнат промени. Почетокот на вистинска соработка требаше да ги вгради иницијалните идеи и институциските рамки во желбите на луѓето на Балканот регионалниот живот да стане заедничка цел на државите на балканскиот полуостров и кратенка кон светскиот пат. Праксата на интеграции и желби за „фаќање приклучок“ во светот требаше да ги надвладее доминантните политики на поделби и спротиставувања. Отпорот кон новостите, редот, разбирањето, надминувањето на поделбите беше посилен. Безидејноста на политичките елити, затечени со исчезнувањето на „повисоките државни органи“, но поттикнати и изненадени од сопствената лидерска позиција, донесе лична корист, а општествена заостанатост. Балканот е поделен на држави, но обединет во мрежите на регионалниот криминал. Не сакаа регионална соработка и потсетување на Југославија, но затоа беа развиени регионални криминални мрежи.

Криминалците самоиницијативно се поврзаа без големи самити, бирократизирани институции и преведувачки кабини, ним им беше доволен интересот.

Дали „Отворениот Балкан“ е воспоставен како негација на лошата практика, самоиницијативно, концептуализирано и наменски? Дали европската практика на „четири слободи“ ќе покаже прогресивна моќ во регионот? Дали болката од породувањето ќе ги освести и недоверливите да „скокнат во возот“?

Балканот има единствена шанса да покаже дека може.

 

Проф. д-р Милош Шолаја, редовен професор на Факултетот за политички науки во Бања Лука