Кај мнозинството припадници на тој народ, се чини, во последно време созреа свеста дека не може целиот народ да се идентификува со власта на еден човек и на една партија.

Милан Ситарски

БиХ и нејзиното опкружување имаа многу специфична историја во однос на речиси целиот остаток од нашиот континет. Секако, секој негов дел е по нешто посебен, но историјата на Балканот во европски размери е баш изразено посебна. Хуманизмот и Ренесансата и нивните достигнувања дојдоа на нашиот праг токму кога снема услови за нивно посилно влијание врз животот дури и во изразено елитните кругови, а да не го споменуваме поширокиот круг на жители, иако оставија моќен печат на општеството во непосредно блиските Далмација и Бока. Реформацијата не го допре позначајно ниту соседството на БиХ. Контрареформацијата и Барокот донекаде успеаја во тоа, но главно со поинакви импликации отколку во остатокот од Европа. Истото важи и за Рационализмот и за Просветителството и нивните ефекти во Хрватска и во северниот дел од Србија.

Дури и националните движења на Србите и на Хрватите, кои во почетните фази донекаде личеа на оние од другите земји, добија многу специфични форми. Хрватското, како и движењата на останатите народи од Хабсбуршката монархија, беше соочено со неопходноста за усогласување со структурата на династичката мултинационална империјална држава. Српското движење беше такво во истата таа држава, додека надвор од неа создаде нова национална држава, но таа многу брзо, и покрај екстремно брзата модернизација, или можеби токму поради неа, стана стожер на новиот империјален план, во „народска“ и идеолошки формално модернистичка верзија, но сепак империјален. Бошњаците поради својата приврзаност кон Отоманската империја доцнеа во развојот на национално движење дури и во однос на Хрватите и на Србите, со уште повеќе специфичности во однос на Европа, а тие специфичности, најпосле, значително се однесуваат и на Хрватите и на Србите во самата БиХ. Денеска, по крвавиот распад на двете верзии на „Serb-made“ империјата, чии творци се повикуваа на европски вредности, но таа отиде во сосема поинаква насока, а чие постоење и распад ги одреди детерминантите на постоење и на државата БиХ и сите нејзини народи, можеме да го поставиме прашањето – каде се сега европските вредности во БиХ?

Претешка задача за мене е да дадам целосен одговор на тоа прашање, особено во еден пократок текст. Меѓутоа, ќе се обидам да го дадам во однос на една од неодрекливо европските вредности – демократска изборна промена на власта. Тој синдром, без кој нема европеизација, со или без членство во ЕУ, претходно го совладаа граѓанството и политичката елита во Хрватска, па и во Србија, која додуша малку и ги заборави тие лекции па можеби ќе мора и да ги повтори (слично како Србите во БиХ, иако немаат објективни препреки во тоа како Хрватите), а неодамна дури и Црна Гора, каде што процесот сè уште трае. Во БиХ тој се случи онаму каде што ретко кој го очекуваше – токму меѓу Бошњаците. Кај мнозинството припадници на тој народ, се чини, во последно време созреа свеста дека не може целиот народ да се идентификува со власта на еден човек и на една партија, а особено не со цел да се одржи доминација над другите народи во повеќенационална држава. По тоа, да речеме, ги надминаа Србите од 1920-тите години, чие отсуство на таква свест го спречи Кралството СХС да стане навистина европска земја. Ако најбројниот народ во БиХ го задржи сегашниот курс, тоа ќе има благотворно влијание и врз останатите два, и ќе можеме да кажеме дека има надеж за европска БиХ.

 

Милан Ситарски, независен предавач и аналитичар од Мостар