Уште еден клуб не е лоша идеја самата по себе, но клуб без јасни цели ризикува да троши време во разговори за важни прашања, но без решенија и резултати.

Луфти Дервиши

Албанија штотуку ги отвори преговорите со Европската унија. Долгото чекање го намали ентузијазмот на раководството на Тирана околу изгледите за членство. Поддршката за членство во ЕУ останува висока меѓу населението (над 80%). Но, од неодамна, дебатата за Европа е збогатена со појавата на Европската политичка заедница.

Одеднаш, Албанија не само што е членка на Европската политичка заедница, туку и ревносен застапник на овој проект. Идејата на францускиот претседател Макрон е да создаде клуб каде ЕУ ќе може да се консултира со соседите. Тркалезна маса на која земјите од ЕУ можат да разговараат за заедничките грижи со земјите кои не се членки на ЕУ.

Со оглед на војната во Украина, премиерот на Албанија заедно со премиерот на Холандија во заеднички уреднички текст објавен еден ден пред првиот самит на ЕПС (Европската политичка заедница) со ентузијазам го поддржуваат овој проект каде што „заедничките грижи и предизвиците можат да најдат решенија“. На самитот во Прага се собраа 44 европски земји. Прашањето кое сè уште нема јасен одговор е: Каква корист имаат Албанија и другите 5 балкански земји кои претендираат да влезат во ЕУ?

Едно од видливите достигнувања на самитот во Прага беше изолацијата на Русија. Но, Русија е исклучена и од Советот на Европа, организација со 46 земји членки.

Во што се разликува ЕПС од Советот на Европа, ОБСЕ или други регионални и меѓународни организации? Какви механизми има EПC за да ги реализира своите амбиции?

Дали EПC е механизам кој го забрзува овој процес или е токму спротивното? Во Франција нема ентузијазам за понатамошно проширување на ЕУ. „Кога имаме толку проблеми со 27 членови, како да ги решиме ако станеме 33“? Во уводникот на премиерот на Албанија и на холандскиот премиер „новата платформа… не го зазема местото на добро структуираниот процес за членство во ЕУ“.

Ако не го заменува процесот за членство во ЕУ, дали помага? Во отсуство на соопштение за медиумите за самитот во Прага и во отсуство на изјава од лидерите од регионот на оваа тема, прашањето звучи реторичко. „ЕПС“, се вели во уводникот на двајцата премиери, „треба да биде простор каде што ќе можеме да се сретнеме и да работиме, без разлика дали сме членки на ЕУ или не“.

И што е со работните места? Енергијата? Глобалното затоплување? – ова се важни теми, со кои се занимаваат Г-7, Г-20, ОН, ЕК, ЕУ итн. Што може да донесе ЕПС? Уште еден клуб не е лоша идеја самата по себе, но клуб без јасни цели ризикува да троши време во разговори за важни прашања, но без решенија и резултати. Неодамнешната приказна ни покажува дека не секогаш добрите идеи и намери даваат резултати.

Сензационална француска иницијатива, Унија за Медитеранот, која вклучува 42 земји (вклучувајќи ги и 27-те земји-членки на ЕУ) и во која членува и Албанија, беше основана во Париз на 13 јули 2008 година. Целта беше стабилност и интеграција. Резултат по 14 години? Ниту една наведена цел не е постигната. Медитеранот не стана област на мир, стабилност и просперитет. Слободната економска зона ЕУ – Медитеран не стана реалност и иницијативите за зајакнување на човековите права и демократијата не донесоа резултати.

Интересот на Албанија и земјите од регионот е членство во ЕУ, тежок, напорен, но корисен процес, бидејќи ја трансформира земјата и ја прави дел од најбогатиот простор во светот, просторот каде што правата на потрошувачите/граѓаните се почитуваат и се заштитени подобро од каде било на друго место. Автоматското членство во ЕПС може да биде пријатен простор за лидерите, но не нужно и за граѓаните што ги претставуваат.

 

Лутфи Дервиши е публицист и предавач по Истражувачко новинарство на Универзитетот во Тирана