Предавачите на Универзитетот во Тирана изразуваат загриженост дека студентите ги извршуваат задачите за неколку минути, користејќи Chatgpt.

Зилифтар Брегу

За вештачката интелигенција во Албанија се зборува веќе неколку месеци, но освен написите во странскиот печат и сомнежите на предавачите дека студентите ќе користат Chatgpt за да ги направат бараните есеи, нема вистинска дискусија за влијанието, предизвиците, сомнежите и дилемите околу вештачката интелигенција.

Во првите денови кога употребата на Chatgpt стана возможна во Албанија, еден новинар направи интервју со програмата и ја прашуваше главно што знае за Албанија и Албанците, за предизвиците со кои се соочува земјата. Интервјуто беше направено на албански јазик и одговорите беа технички точни.

Предавачите на Универзитетот во Тирана изразуваат загриженост дека студентите ги извршуваат задачите за неколку минути, користејќи Chatgpt. Ако до вчера се зборуваше за ефектот на Google, сега се појавуваат првите знаци за користење на Chatgpt. Плагијаторството сега преминува на друго ниво. Но, мора да се каже дека вештачката интелигенција сѐ уште не се проширила на универзитетите надвор од Тирана. Обучувач за медиумско образование потврдува дека учениците во другите области не слушнале/користеле Chatgpt, додека корисниците во главниот град потврдуваат персонализирани искуства во областа на маркетингот, забавата, па дури и во областа на здравјето.

„Имав здравствен проблем. По испитувањата, го прашав Chatgpt и добив многу вредни информации“, вели експерт за безбедност кој изгледа го поминал првиот тест. Тој побарал информации за дијагнозата, лековите што може да ги користи и за најновите студии.

Алгоритмите за вештачка интелигенција, со кои Албанците се среќаваат во последната деценија главно преку социјалните мрежи, ќе ја зголемат продуктивноста не само во комуникациите, туку и во економијата, технологијата, финансиите, транспортот, здравството итн. Но, сѐ уште не се зборува за ефектите кои Вештачката интелигенција може да донесе на пазарот на трудот. Единствената загриженост, искажана тивко, е околу личните податоци и тоа е поврзано со горчливото искуство што Албанците неодамна го доживеаја со скандалот со „ограбувањето на дигиталната држава“ од ирански хакери (што доведе до рушење на односите на Албанија со Иран).

Вештачката интелигенција е управувана од податоци, а заштитата на личните информации и спречувањето на неовластен пристап до чувствителни податоци остануваат предизвици што треба да се решат.

Но, недостигаат дискусии за влијанието врз економијата, врз социјалните односи, врз политиката и врз приватноста. Сè уште сме во фаза на чудење и употребата е фокусирана на комуникација, на магијата на комуникацијата, повеќе не со личност, туку со вештачка интелигенција. Ниту медиумите во Албанија сѐ уште не почнале да ги користат можностите што ги нуди вештачката интелигенција, додека германските медиуми најавија намалување на илјадници работни места во своите редови за позиции кои вештачката интелигенција најдобро ги исполнува.

Во политизирано општество, се очекува Вештачката интелигенција наскоро да се спушти на политичкото поле. Во Албанија во мај годинава се одржаа локални избори. Политичарите и кандидатите на локалните избори наголемо ги користеа социјалните мрежи, но со брзиот развој на Вештачката интелигенција, се очекува на претстојните парламентарни избори закажани за 2025 година, политичката комуникација да достигне друго ниво со воведувањето на програмите што ги нуди вештачката интелигенција.

 

Зилифтар Брегу е предавач на Универзитетот во Тирана и слободен новинар