Парадоксално, натамошното чекорење по европскиот пат може да донесе ширење на „неевропските“ вредности на национализмот и култивирање на нивата за да изникне „пирејот“ на радикалната десница.

Здравко Савески

Со оваа дилема се соочува политичкиот естаблишмент во Северна Македонија околу натамошното чекорење по европскиот пат. Реалполитиката на ова чекорење наложува компромиси со соседните членки на ЕУ (прво Грција, а сега Бугарија), кои го надразнуваат латентниот национализам присутен кај многумина (во случајот: етнички Македонци) и ги туркаат нив во прегратките на радикалната десница. Па, парадоксално, натамошното чекорење по европскиот пат може да донесе ширење на „неевропските“ вредности на национализмот и култивирање на нивата за да изникне „пирејот“ на радикалната десница. А ако натамошното политичко приближување до ЕУ доведе до културно оддалечување од идеалите на ЕУ, естаблишментот на ЕУ може да го искористи тоа културно оддалечување и политичките импликации од зголемената моќ на радикалната десница како изговор/причина да не подари членство. Па да падне во вода целисходноста на сите компромиси направени токму заради членството во ЕУ. А тортата – ниту да остане цела, ниту да биде изедена.

Обично, задоцнето се реагира на заканата на радикалната десница. Односно, заканата се адресира откако ќе стане горлив проблем. А тогаш е предоцна. Работата против национализмот е долготраен процес и не може да се заврши од денес за утре. А таа работа во Северна Македонија (како и на целиот Балкан) обично е кампањска, а не систематска, и често е два чекора напред, три назад. Огромно мнозинство ја смета својата етничка идентификација за најважен, па и единствен елемент од својот идентитет. Тоа што се Македонци или Албанци им е најважно, па и единствено важно во однос на тоа што се луѓе, работници, жени, тетовчани итн. Тоа веќе ја дава основата на која може да се накалеми национализмот. А да биде основата поцврста, придонесуваат неуспесите на интелектуалната „елита“. Не само обичните луѓе, туку и „интелектуалците“ оперираат со аматерското (и погрешно) разбирање дека патриотизам било да го сакаш својот народ, а национализам (само) ако ги мразиш другите. Резултатот?

а) неброени „патриоти“ кои не го разбираат концептот на „земјаци“ и препознаваат само „сонародници“, на кои им се туѓи концептите како етичкиот патриотизам на Игор Приморац, а да не зборуваме за антинационализмот, интернационализмот и космополитизмот.

б) националистички хегемонски наратив на историско (не)знаење при што текстот на „Крушевскиот манифест“ е terra incognita; етничкиот идентитет на Делчев она најважното за него; се мантра за Асномска Македонија, а се заборава дека таа била за југословенска федерација, а не за независна Македонија; па од НОБ се памтат убиствата на Бугарите во Ваташа, а падна во заборав жртвата на Албанците од Долно Јаболчиште, заедничкото веење на македонското со албанското знаме во слободно Кичево, носењето на рамо на македонските и албанските партизани од албанските селани од Равен, солидарноста на жителите на Тирана со македонските партизани, убиени од фашистите.

Историската наука е претворена во дувло на националисти („патриоти“), не се создава критичка историографија, а политичката наука тапка во место, импотентна да развие дури и најосновни алатки за борба против национализмот. Во ваков контекст на потфрлање на „интелектуалците“, кај многумина тлее латентен национализам, кој, кога не е надразнет, се сведува „само“ на пасивна антипатија и недоверба кон припадниците на другите етноси. Но, кога ќе се надразни, се претвора во плодна почва за процут на радикалната десница, ако не и полошо од тоа.

Јакнењето на радикалната десница ги слабее изгледите за зачленување во ЕУ не само на Северна Македонија, туку и на целиот Западен Балкан. Па кога понатамошното чекорење по европскиот пат налага компромиси што неизбежно ја јакнат радикалната десница, треба убаво да се размисли околу тоа за да не дојде до ситуација: ем силна радикална десница ем ништо од членството во ЕУ. Досегашната работа против национализмот и другите фактори што ја хранат радикалната десница очигледно потфрли. Треба критичко преиспитување зошто е така наместо одење со главата во ѕид, со проценка дека јакнењето на радикалната десница е пресметан ризик од носењето „храбри“ (и не баш мудри) политички одлуки.

 

Доц. д-р Здравко Савески, Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје