Младите во Црна Гора кои достигнуваат одредена политичка позиција од која би можеле да остварат конкретно политичко влијание, претпочитаат да ги насочат своите напори кон остварување на „старата“ политика, односно партиските и лични интереси, наместо да работат на подобрување на положбата на младите.

 Жељка Ќетковиќ

 Младите во Црна Гора не се категорија во фокусот на носителите на одлуки, но ниту тие самите не покажуваат доволна одлучност да се наметнат. Истражувањата на Центарот за граѓанско образование (ЦГО) укажуваат дека седум од десет граѓани и граѓанки на Црна Гора сметаат дека положбата на младите е лоша. Сепак, младите и понатаму претпочитаат пасивно да чекаат на промени, наместо самите да ги поттикнат. Подлога за тоа е и непостоењето традиција на студентски и други протести на млади, како и неуспесите на ретките такви потфати. Вреди да се потсетиме дека големиот студентски протест, пред десетина години, фактички заврши со „купување“ на одредени студентски лидери на протестот од страна на политичките структури, но и со откажување на некои од останатите од таа борба.

Во последниве неколку години, порасна и потенцијалот за радикализација и екстремизам кај младите, што го следи и сè позачестеното насилство како начин за решавање на конфликтите меѓу младите.

Образовниот систем кој би требало да поттикнува критичко размислување и активизам е срушен од темели, а резултат на тоа е фактот дека младите, и покрај добрите оцени, од училиштата и од факултетите излегуваат со скромен квалитет на знаење. Тоа ги декласира на пазарот на труд, а како последица, им ја продолжува станбената и економската зависност од родителите. Оние млади кои остануваат во Црна Гора искажуваат неретко акутна пасивност кога е во прашање општествено-политичкиот ангажман. Ниту волонтирањето не им е привлечно, што на одредено ниво е разбирливо, затоа што најчесто не е платено, а многумина имаат одредени животни трошоци, но се заборава дека волонтирањето претставува и стекнување искуство, кое е важно за подобра можност за вработување.

Младите се свесни дека гласањето на избори е важно, па значителен процент од нив гласаат, а во исто време имаат најмалку институционална доверба во политичките партии. За тоа придонесе начинот на кој политичките партии ги третираат младите, односно декларативната посветеност на нивните прашања и (зло)употребата на младите како ресурс во изборните кампањи, додека во пракса нема адресирање на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат младите, што дополнително ги турка на социјална и политичка маргина.

Интересно е што во сегашниот состав на Парламентот на Црна Гора има околу 8 отсто млади пратеници, но проблемите на младите ги нема ниту на собраниската агенда, ниту во дигресијата на дебатите. Исто така, се чини дека младите во Црна Гора кои достигнуваат одредена политичка позиција од која би можеле да остварат конкретно политичко влијание, претпочитаат да ги насочат своите напори кон остварување на „старата“ политика, односно партиските и лични интереси, наместо да работат на подобрување на положбата на младите. Затоа, ниту подмладоците на политичките партии, ниту студентските претставнички тела немаат речиси никакво влијание за создавање подобро опкружување за младите. Синдромот на „млади, а стари“ е изразен кај младите кои одбрале да останат во Црна Гора, додека оние другите во голема мера придонесуваат за социо-економскиот развој на други општества, и секако не планираат да се вратат во Црна Гора.

На оваа сложена рамка треба да се додаде и фактот дека 50% од младите сакаат да ја напуштат Црна Гора, дека нема системски одговор на таа идентификувана желба на младите да си одат од земјата, додека проблемот со т.н. одлив на мозоци веќе претставува црвен аларм. Не можеме да ги обвинуваме ниту младите што сакаат подобри можности и поквалитетен животен стандард, бидејќи ако сопствената земја не им ги даде овие можности, очекувано е да ги бараат на друго место. Сепак, треба да се запрашаме: каде нè остава ова нас како општество – помеѓу оние кои не би направиле ништо и оние кои ќе заминат при првата прилика?

Време е да почнеме да размислуваме за тоа и сите да работиме со цел да го направиме ова општество подобра приказна за младите, да го чувствуваат како свое, како нешто за што вреди да се бориме и што може да им даде шанси да го остварат својот потенцијал. На младите им останува да си создадат иднина, а таа иднина може да биде подобра за сите нас ако ја создаваат во својата земја.

 

Жељка Ќетковиќ е координаторка на програмата Активно граѓанство во Центарот за граѓанско образование