Освен што ги зајакнуваат младите политички и лидерите од граѓанското општество, школите помагаат и во нивното вмрежување и соработка, што можеби претставува и најголем придонес во помирувањето во рамките на БиХ.

Есад Мавриќ

 Кога живеете во Босна и Херцеговина и се обидувате да бидете граѓанин без предрасуди, тогаш е важно да верувате во идеи кои ќе ја одведат на подобар пат и во поизвесна иднина.

А за тоа што на граѓаните во оваа земја не им е добро, виновни се политичарите.

Како да направиме подобар амбиент, како да ја искорениме исклучивоста на политичката сцена?

Тоа е, секако, вербата во младоста, во идните политичари, кои нема да размислуваат како актуелните лидери што неуспешно ја водат оваа земја веќе 30 години. Со своето завидно искуство од работата во Советот на Европа, одлучив да им се посветам на целите за просперитет, па така настана идејата да се организира Школа за политички студии во Босна и Херцеговина.

И веднаш да кажам дека сме само една од институциите од ваков вид, постојат и некои други политички школи, посебно во невладиниот сектор, кои се посветени на таа цел: да создадат рамка и програма за млади лидери од политичкиот и јавниот живот, кои со модерен пристап ќе влезат во политичкиот живот на оваа земја и ќе бидат гаранција за подобра иднина.

Дејствуваме во рамките на мрежата на школи за политички студии на Советот на Европа, што уште повеќе ја зајакнува вербата дека ќе се трасира поинаков и подобар амбиент. Основани сме за да им понудиме дополнително неформално образование на идните лидери.

Преку годишните циклуси на семинари и конференции создаваме амбиент за активна улога на новите млади политички лидери кои ќе бидат посветени на негување на демократијата, на владеење на правото и на човековите права, а воедно ќе бидат генератори на дијалог и на демократска политичка култура, на раст на модерната држава, и поттикнувачи во политичката, економската, социјалната, медиумската и културната сфера од животот.

Учесниците се избираат од различни политички партии и институции.

Нашата школа е во семејство со други 20 школи од земји од источна и југоисточна Европа, Кавказ и Африка.

Нудиме квалитетно образование во сферите кои ги споменав, ја поттикнуваме културата на политички дијалог како позитивен модел на комуникација, со акцент на ефикасната соработка, општите потреби и интересите на општеството.

Во изминатите дваесетина години по војната, политиката во БиХ главно ја дефинираат тесни етнички интереси, внатрепартиски демократии со концентрација на моќта во рацете на еден лидер. Резултатот е постоење на негативно влијание врз политичкиот дијалог, што и понатаму го чува политичкиот статус кво и се спречува промоција на алтернативни идеи, посебно од младите и од жените.

Од таа причина, нашата Школа настојува да ги зголеми капацитетите на младите лидери како носители на одлуки, охрабрувајќи ги да преземат поактивна улога во политичките процеси во БиХ. Стекнуваат вештини како да ја зајакнат сопствената позиција и улога во рамките на својата партија, како да го олеснат идниот дијалог и соработка меѓу партиите, како да го зголемат разбирањето за заедничките проблеми независно од политичката припадност, ентитет, етничка група или дел на БиХ од каде што доаѓаат. На тој начин негуваме одржива мрежа на образовани млади лидери, кои можат да ги надминат поделбите што го дефинираат сегашниот политички систем во БиХ.

Во рамките на канцеларијата на Советот на Европа во Сараево, програмата започна во 2009 година, а до 2022 година, Школата ја имаат посетено околу 450 млади лидери. Создадена е моќна мрежа на Алумнисти, добар дел од нив со текот на време дојдоа во позиција да креираат демократски процеси во земјата, заземајќи многу сериозни функции на сите нивоа на власта во Босна и Херцеговина.

Важен резултат на школата е тоа што придонесе за јакнење на младинските структури во политичките партии; тие ги мотивираат политичките партии да создаваат „политички академии“ каде што нашите алумнисти дејствуваат како двигатели и основачи на таквите академии.

Освен што ги зајакнуваат младите политички и лидерите од граѓанското општество, школите помагаат и во нивното вмрежување и соработка, што можеби претставува и најголем придонес во помирувањето во рамките на БиХ.

 

Есад Мавриќ е директор на Школата за политички студии, поранешен новинар и извршен секретар, како и проект менаџер во Канцеларијата на Советот на Европа во Сараево