Извештајот на Фридом Хаус „Нации во транзит“ за 2022 година ја класифицира Албанија како „хибриден режим“, додека земјата не достигнува повеќе од 45,8 отсто од вкупниот систем на бодување за столбовите на демократијата.

Елвин Луку

Албанија важи за хибридна демократија, а показателите за тоа, особено во однос на слободата на медиумите, опаѓаат, по нападот со огнено оружје врз националната телевизија „Топ чанел“, кој се смета за еден од најсериозните во последните три децении.

Извештајот на Фридом Хаус „Нации во транзит“ за 2022 година ја класифицира Албанија како „хибриден режим“, додека земјата не достигнува повеќе од 45,8 отсто од вкупниот систем на бодување за столбовите на демократијата.

Во текот на 2022 година и почетокот на 2023 година, медиумите се соочуваа со оружени напади, конфискација, тепање новинари и вербална агресија. Во раните утрински часови на 26 март, од автомобил во движење, беше пукано од „калашников“ во правец на зградата на телевизијата „Топ чанел“, при што беше убиен нејзиниот чувар. Обвинителството на Тирана и полицијата ја продолжуваат истрагата, додека сериозниот настан донесе реакции на највисоките лидери на политичката класа, дипломатскиот штаб, меѓународните организации и самата новинарска заедница, кои побараа расветлување на настанот и апсење на сторителите.

Но, додека медиумскиот сектор назадува, истрагите на новите правосудни институции бележат напредок во голем број случаи на корупција и организиран криминал. Од крајот на 2021 година до сега, двајца важни поранешни министри на владата Рама: оној за внатрешни работи, Саимир Тахири, е осуден за злоупотреба на службената положба, додека Лефтер Кока е оставен во затвор под обвинение за корупција околу т.н. „план за согорување отпад“. За истото прашање СПАК води истраги и против поранешниот министер за финансии, Арбен Ахметај, за кого се вршени контроли и во становите во негова сопственост. Што се однесува до реформите во правосудството, процесот на проверка продолжува, со цел смена на судии и обвинители со проблеми околу пријавувањето на имот, професионалниот учинок и неизвалкана репутација. Според извештаите, од почетокот на реформата во 2016 година до крајот на 2022 година, „испитани се 556 судии и други службеници од правосудството. Од нив, само 37% од нив го поминале ветингот, 43% се разрешени, додека 18% поднесоа оставки“.

Политичката ситуација останува тензична бидејќи најголемата опозициска партија се соочува со административна тужба околу сопственоста на печатот, поради што е невозможно да се регистрира за локалните избори на 14 мај со своето историско лого. Откако Управниот Апелационен суд одлучи да го врати случајот пред Основниот суд во Тирана, АДП предводена од поранешниот премиер Сали Бериша, официјално прогласена за „нон грата“ од американскиот Стејт департмент, беше регистрирана на локалните избори, под логото на коалицијата „Заедно победуваме“, со Партијата на слободата на поранешниот претседател Мета и уште две партии.

Од друга страна, владата на Рама беше шокирана од „скандалот Мекгонигал“, во кој поранешниот висок шеф на ФБИ, Чарлс Мекгонигал, беше уапсен и е под истрага во Соединетите Американски Држави, меѓу другото, и поради тоа што добил 225 илјади долари од поранешен вработен во тајните служби на Албанија и одржал низа непријавени средби во Албанија, меѓу кои и со премиерот Рама. Случајот предизвика низа протести од опозицијата, чии претставници го обвинија премиерот Рама дека го поткупил високиот претставник на ФБИ.

Останува да се види влијанието што „скандалот Мекгонигал“ ќе го има врз електоратот, но треба да се истакне дека, уште еднаш, Албанија, земја со хибридна демократија за која Стејт департментот на САД потроши милиони долари во борбата против корупцијата, е спомената во истражно досие каде што еден од главните лидери на ФБИ е под истрага, меѓу другото, и за корупција.

 

Елвин Луку е предавач на Катедрата за новинарство и комуникација на Универзитетот во Тирана, како и директор на албанскиот центар MediaLook