Конзумеризмот и идолопоклонството пред парите и материјалното богатство го зафатија светот, па и нашето општество, што не би можело да се подведе под дефиницијата општествени вредности.

Проф. д-р Душко Лопандиќ

Кога Доситеј Обрадовиќ среде Првото српско востание во август 1807 година, по патешествијата низ западните земји го преминал Дунав и ја бакнал српската земја, тргнал како министер за просвета да ги образува луѓето и да отвора училишта по неписмената Србија, изгледа дека имал многу појасна слика за она што денеска го нарекуваме „западни вредности“ одошто неговиот наследник на позицијата министер за образование во Србија. Како што е познато, сега веќе поранешниот министер Ружиќ по повод трагичниот колеж во белградското училиште Рибникар, меѓу другото ги обвини и „западните вредности“ за расипување на децата и за сите зла што ни се случуваат во општеството.

Во својот познат текст „Писмо до Харалампие“ Доситеј укажал на потребата за реформа на тогашниот јазик и за работа околу образованието на народот, истакнувајќи ги еднаквоста и потребата од солидарност (љубов) меѓу луѓето, без оглед на верата или етничката група. Ја истакнувал природната човечка добрина и ги осудувал човечкиот егоизам и разните зла и пороци. „А што би сакале другите да ни прават? Да нè пуштаат на мир да живееме во нашиот закон, да не ни прават никакви зла, да ни ги простуваат нашите слабости и грешки, да нè љубат и почитуваат и да ни помогнат во потребата наша. Тоа истото и ние сме им должни на сите луѓе во светот.“

Можеби поранешниот министер за просвета би можел да се потсети на основните текстови кои содржат „западни вредности“ и кои се содржани и во големите меѓународни конвенции, како што е Универзалната декларација на ОН за правата на човекот, како и во практично сите модерни светски устави, вклучувајќи го и оној на Република Србија.

Посебно би требало да се потсети и на оние „западни вредности“ кои формално ги поддржува и денешната влада на Србија, истакнувајќи го (иако неубедливо) како главна стратешна цел на Србија членството во Европската унија. Во членот 2 од Договорот за Европската унија експлицитно се наведени „вредности“ (кои според последните изјави изгледа предизвикуваат сомничавост кај поединци од власта и од десната опозиција), а кои се следниве: „Унијата се темели на вредностите почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права, вклучувајќи ги правата на припадниците на малцинствата. Тие вредности се заеднички за државите членки во општество во кое преовладуваат плурализам, забрана за дискриминација, толеранција, правда, солидарност и еднаквост меѓу жените и мажите.“ Сепак тешко би можеле да замислиме дека кој било во нашата политичка јавност би можел да има нешто експлицитно против некоја од наведените вредности или цели на Европската унија, кои се наведени во членот 3: „Целта на Унијата е да промовира мир, своите вредности и добросостојбата на своите народи. Унијата на своите граѓани им овозможува простор на слобода, безбедност и правда без внатрешни граници, во кој е обезбедено слободно движење на лицата заедно со соодветни мерки кои се однесуваат на контролата на надворешните граници, азил, имиграција, како и превенција и борба против криминалот.“

Како од формално политичко залагање за наведените вредности и цели на ЕУ дојдовме до обвинение дека „западните вредности“ се една од причините за девијантно однесување на некои малолетници кај нас – вклучувајќи го и гнасното, психопатско и кукавичко злосторство против младоста и иднината во ОУ Рибникар – не е толку прашање на логика, ниту последица од потребата за разгледување на психосоцијалните проблеми во нашето општество, кои се очигледни. Овој пример во прв ред симболично и сосема јасно укажува на беспаќето и дезориентацијата во кои западнала т.н. политичка „елита“ во Србија, која веќе со децении е предводена од оние исти идеи и луѓе (наречени и „братство по дамка“ – израз на Д. Великиќ) кои ги „изнедри“ амбиентот кон крајот на минатиот век, и кој во добра мера беше идеолошки и политички обновен во текот на претходната деценија.

Горните ставови се суштината на она што се подразбира под „западни вредности“, а не американските хорор филмови или интернет игри. Секако, времињата и обичаите се менуваат, како што тоа го забележал уште Слободан Јовановиќ, кој одамна укажал дека „хуманистите го ценеле човекот по тоа каков е, а не по тоа што постигнал и колку успеал“. Границите меѓу виртуелната и „реалната“ стварност стануваат сè понејасни – особено во животот на младите. Конзумеризмот и идолопоклонството пред парите и материјалното богатство го зафатија светот, па и нашето општество, што не би можело да се подведе под дефиницијата општествени вредности. Сепак, не можам да мешам „вредности“, од една страна, од она што, всушност, се пороци и патологија на некое општество. Достоевски во „Големиот инквизитор“ замислил ситуација во која изопачената црковна власт под истрага би го ставила и самиот Христос, што сепак не значело дека христијанските вредности за него исчезнале.

 

Проф. д-р Душко Лопандиќ, професионален дипломат и експерт за европско право и регионални односи