Имаме претседател кој толку мисли дека е ист Тито што стана најголем титоист, не само во Западен Балкан, туки и во Западниот Космос.

Драгољуб Дража Петровиќ

Голема е веројатноста дека ниту една поранешна југословенска земја која досега не влегла во Европската унија никогаш нема ни да влезе во ЕУ – само поради вечната сенка на другарот Тито над Балканот. Македонците, на пример, имаат забелешка од бугарската шефица на дипломатијата дека многу го сакаат Тито, сега кога бараат да влезат во ЕУ. што дополнително нѐ загрижува нас Србите во поглед на евроинтеграциите, бидејќи и ние многу го сакаме Тито откако востановивме дека ниту еден наш „и по Тито, Тито“ – не личи на оригиналниот другар Тито.

Од последните примероци од тој вид владетели – во моментов имаме претседател кој толку мисли дека е ист Тито, што стана најголем титоист, не само во Западен Балкан, туку и во Западниот Космос. Но, само затоа што тој мисли дека изразот „титоист“, фактички, претставува вековен обид на секој лидер да биде ист Тито. Оттука, сфаќате, тој чуден збор „титоист“.

Значи, титоист е ист Тито, речиси „плукнат“ Тито колку многу личи на Тито. Затоа ги има сите тие наши балкански „плукнат Тито“ титоисти, постојано плукаме, но не за да го поттикнеме нивниот вековен стремеж да станат Тито, туку затоа што, брате, многу нѐ нервираат што ни малку не личат на Тито.

А зошто го сакаме оној оригиналниот другар Тито?

Еве, да речеме, другарот Тито го смисли патентот за Европската унија уште кога ЕУ не го имаше смислено патентот за самата себе. Ги отвори границите меѓу Словенците, Хрватите, Босанците, Македонците, Црногорците, Албанците и Србите, а немаше комесари за проширување, туку само некакви политички комесари кои нѐ учеа дека не ни треба проширување, туку дека сме си доволни самите на себе. Сепак, можеби токму тоа што другарот Тито немаше комесари за проширување на неговата мала ЕУ беше неговата основна грешка во концептот, затоа што, веројатно, да имаше, дел од Социјалистичката Федеративна Република Југославија, наречена СФРЈ, ќе станеше и далечната, но пријателска Данска.

Легендите за фантастичниот живот во Југославија велат дека со југословенски пасош си можел без виза да патуваш каде сакаш, па веројатно и Данците би посакале да патуваат каде сакаат. „Добро, океј, можеби и Данците можеле да патуваат каде сакаат, па затоа не се ни придружиле на СФРЈ, но ние, Југословените, сме можеле без виза да патуваме дури и во Зимбабве!“ – ќе ви каже секој страстен Југословен, неверојатно горд на таа околност.

„А што воопшто барате во Зимбабве? Кој би сакал да живее во Југославија, да има нејзин пасош, само за да патува во Зимбабве без виза?“ – ќе ве праша секој Данец кому сакате да му ги опишете предностите на животот во Југославија.

Можеби Данците имаат право! Но, во Југославија си можел да одиш на море секоја година, и тоа од плата, ќе му кажете на Данецот.

„Па и ние во Данска еве веќе стотици години одиме на море, и тоа од плата, така што не ни е јасно зошто сте толку југоносталгични!“ – ќе ви рече Данецот.

Океј, можеби ние Србите и останатите го сакаме Тито баш затоа што никогаш во историјата не ни било подобро одошто под негово водство. „Можевме без пасош во Хрватска, можевме без пасош во Словенија“ – на крајот секој југоносталгичар ќе ги стесни предностите на Југославија, па од она славно патување без виза во Зимбабве, во која никој никогаш не ни патувал освен другарот Тито, ќе ги стесни предностите на Југославија на патување во Словенија, и тоа без пасош. И тоа е една сосема добра причина за југоносталгија.

Втората причина е, просто, приказната на моето семејство.

Во моето семејство, дури и за време на СФРЈ, Тито беше персона нон грата, со што и моето семејство беше фамилија нон грата. Еднаш, од една школска екскурзија на Дивчибари донесов сувенир, мала гипсена биста на другарот Тито која можеше да се стави врз телевизорот, за другарот Тито да нѐ набљудува додека ние го набљудуваме телевизорот, но моите родители, со кисела насмевка, минијатурната биста му ја подарија на соседот од сутеренот, кој многу го сакаше другарот Тито.

Ние во станот, во тоа време, од иконографија ја имавме само иконата на Свети Никола, нашиот светец заштитник, во превод: нашата крсна слава. Бевме атипични жители на СФР Југославија, затоа што другарот Тито не го сакавме ни врз телевизорот, како минијатурна биста од Дивчибари, ни во телевизорот, како огромна секојдневна појава во ТВ Дневникот.

Тогаш, еден ден, другарот Тито умре, иако процените на обложувалниците, кои патем речено во тоа време не ни постоеја, велеа дека нема коефициенти на облогот дека другарот Тито некогаш ќе умре, или ќе замине во вечните ловишта, каде што гарантирано и заминал во 1980 година, бидејќи беше страстен ловец.

И тогаш мајка ми, еден ден, беше тоа 1995 година, рече на некоја слава каде што сите плукаа по Тито: „Немојте да ми го чепкате Тито!“

„А зошто мамо?“ – ја прашав – „ти одеднаш го сакаш Тито, иако никогаш не си го сакала“.

„Е, кога ќе се сетам“ – рече мајка ми – „кога беше Тито, можевме без визи со нашите пасоши да патуваме во Зимбабве!“

И по кратко размислување сфатив дека мајка ми никогаш не била во Зимбабве. Но многу го сака Тито баш поради патувањето во Зимбабве, каде што никогаш не ни отпатувала.

Ете, затоа ние поранешните Југословени го сакаме Тито. Сфаќате!?

 

Драгољуб Дража Петровиќ е уредник на белградскиот дневен весник „Денес“. Со новинарство се занимава од 1994 година.