Но, ќе биде интересно кога овдешните и денешни „десижн мејкери“ ќе станат идни пациенти и кога ќе ги лечат онлајн доктори што полагале испити во тие 2020 и 2021 година.

Дамир Марјановиќ

Балканските лидери станаа вешти во дневнополитичката злоупотреба на образованието. Жалната вистина е дека образованието беше првата жртва на „дејтонот“, и дека сето ова што ни се случува денеска и целото наше општество денеска е заложник на „дејтонското образование“.

Системот е распарчен, прво по ентитетска, а потоа и по кантонална линија. Малите торови, неретко во габарит од малку понабилданата месна заедница, го презедоа врз себе товарот на „господарење“ со образовните системи, без никакви подготовки, стратегии, но и, најчесто, без човечки и материјални ресурси.

Со рушењето и деградирањето на образованието се создаваат сите предуслови за создавање на генерацијата „повторувачи на сервирани факти“ и на оние кои не се научени да процесираат информации и да размислуваат со своја, туку со твоја глава! А тоа на нашата „политичка елита“ баш ѝ одговара, зарем не?

Во Босна и Херцеговина, пандемијата нѐ затекна среде обид за реформа на образованието, која не се одвиваше ниту координирано, ниту симултано на сите простори. Сепак, тој процес беше интензивиран барем локално, пред сѐ во Сараево. Најпосле се зборуваше и се работеше на промена на целокупната образовна парадигма, најпосле почнаа да размислуваат за ученикот како центар на сѐ што се случува во училницата, најпосле една вредна екипа луѓе сфати дека TIMSS и PISA не се само некакви „проверки на знаењето“ на кои можеш да ги поправиш резултатите ако учениците „ги тераш да учат повеќе“, и дека врз основа на овие тестови не се зборува за тоа какви ни се новите генерации, туку каков ни е системот со кој ги „обликуваме“ тие деца, и дека треба што побрзо смислено и мудро да го промениме, бидејќи создаваме нефункционални генерации, кои можеби и ќе знаат куп информации, но нема да им служат за ништо, или, пак, нема ни да знаат како да ги искористат.

Но, еден многу едноставен животен облик, вирус со научно име SARS CoV 2, кутриот, ни крив ни должен, во незнаење удри таму каде што сме најтенки. Одеднаш сѐ стана поитно и поважно од таа реформа!

И не само тоа! Просто се плашам да кажам колку лесно се помиривме со тоа сѐ што е важно реално за една година да стане виртуелно. Не е тешко да се замисли какви кратери ќе остави оваа пандемија во ридестите краишта на Балканот, во голема мера неподготвен за онлајн концепт. Рака на срце, не сме лоши во импровизација, но проблемот настанува тогаш кога, по првиот бран, врз основите на импровизацијата се обидуваме да градиме системи. Тогаш лесно се предаваме, се препуштаме на струјата и доаѓаме во фази во кои дозволуваме наргиле, но не и студенти во училниците, бидејќи е полесно да се објасни како се менува додатокот „на шишата“ (што и да е тоа), одошто систем на однесување на 20-тина возрасни и одговорни лица во строго контролирани услови. Кој ќе се замајува со сите тие детали, кога е полесно, многу полесно да кажеш дека анатомијата, хирургијата, физиологијата и други „виртуелно егзотични предмети“ можат да се следат исклучиво онлајн.

Но, ќе биде интересно кога овдешните и денешни „десижн мејкери“ ќе станат идни пациенти и кога ќе ги лечат онлајн доктори што полагале испити во тие 2020 и 2021 година. Верувам дека тогаш ќе се покаат што сепак не вложиле знаење, труд (за кој се платени) и средства, и не дале сѐ од себе за и во овие онлајн времиња да се најде простор и средства и да се создадат услови за „in situ образование“.

 

Проф. д-р Дамир Марјановиќ, научник и универзитетски професор, има објавено неколку стотици трудови и десетина книги од областа на генетиката, поранешен министер за образование и наука во Сараевскиот кантон, сегашен пратеник во кантоналниот парламент и во Домот на народите на Федерацијата БиХ.