Во заробените држави, какви што сѐ уште се државите кои наводно се трудат да пристапат кон ЕУ, не постојат елементарни услови за опстанок на професионалните медиуми.

 Горан Ѓуровиќ

Ако за медиуми не ги сметаме пропагандните алатки, со кои управуваат политичките центри на моќ, а кои само потсетуваат на медиуми бидејќи се регистрирани како такви, тогаш, всушност, можеме да зборуваме за одржливост на медиумите кои се трудат да бидат професионални. Единствената поделба, всушност, е на професионални и на непрофесионални медиуми. За одржливоста на непрофесионалните медиуми не треба да се грижиме, затоа што никој нема да пати ако исчезнат од медиумската сцена, од проста причина што граѓаните – јавноста од нив нема никаква корист. За жал, непрофесионалните медиуми имаат поголеми шанси да опстанат во недемократско опкружување, затоа што нивните вистински сопственици имаат доволно пари за инвестирање во остварувањето на нивниот политичко-економски интерес. Опстанокот на професионалните медиуми е уште покомплициран на мал пазар како што е, на пример, Црна Гора. Опстанокот на професионалните медиуми секако е поизвесен во демократски држави во кои функционираат професионалните институции (регулатори) кои не дозволуваат нелојална конкуренција и институциите на правосудниот систем кои не дозволуваат политички притисоци врз медиумите, но и кои се подготвени да ја казнат пропагандната машинерија на политичко-економските центри на моќ кога брутално ги кршат професионалните стандарди.

Во заробените држави, какви што сѐ уште се државите кои наводно се трудат да пристапат кон ЕУ, не постојат елементарни услови за опстанок на професионалните медиуми. Затоа тие полека, но сигурно гаснат. Оние кои сѐ уште одолеваат, всушност, се само исклучоци кои го потврдуваат правилото. Во заробените држави, без институции, тешко е да се натпреваруваш со таканаречените медиуми-пропаганда, кои великодушно се финансираат директно од буџетот, преку политички контролирани институции, јавни и приватни претпријатија, кои по директива се огласуваат и рекламираат во „подобните“ т.н. медиуми.

Во заробените држави, професионалните медиуми не можат да опстанат без поддршка од меѓународните организации и фондови. Условите за опстанок се подобруваат поради демократските смени на власта и ослободувањето од автократите кои владеат со државите од регионот. Воспоставувањето на владеењето на правото може да придонесе за воведување на ред на медиумскиот пазар и еднаков третман за сите медиуми. Доколку постои одговорна власт, институциите ќе работат во согласност со законот, а регулаторните тела ќе ги санкционираат непрофесионалните медиуми. Во државите во кои правосудството не функционира, тешко е да се воспостави функционална саморегулација, бидејќи т.н. медиуми (кои се дел од пропагандната машинерија) не сакаат да бидат подобри и да ги почитуваат професионалните стандарди, туку да им нанесат штета на противниците на сопствениците на т.н. медиуми. Опкружувањето, во кое судовите носат пресуди по 4-5 години, не претставува поттик за воспоставување на саморегулација.

Дополнителен проблем претставува и прекуграничното влијание на медиумите со кое Црна Гора веќе со години се соочува. Медиумите од Србија (особено оние со национална тв фреквенција, меѓу кои предничат „Пинк“ и „Хепи ТВ“) преку кабелските оператори шират говор на омраза и поттикнуваат дискриминација по различни основи и на територијата на Црна Гора.

Квалитетните јавни политики во областа на медиумите (медиумски стратегии и закони), кои треба да се донесат на инклузивен начин, претставуваат прв системски чекор кон воспоставување на одржливи решенија. Професионалните медиуми својата одржливост можат да ја подобрат со помош на државата и јавните фондови, преку доделување на проекти за производство на содржини од јавен интерес. Тој вид на поддршка може да придонесе за подобро остварување на медиумскиот плурализам. Едно од можните решенија секако е и поврзувањето на професионалните медиууми на државно и на регионално ниви, со цел да се осигура поголема покриеност на територијата, а со тоа и поголемо влијание врз јавното мислење, што професионалните медиуми ги прави поатрактивни и за маркетиншкиот пазар. Кон овие процеси секако би придонела и поголема прецизност на стандардите на ЕУ и на Советот на Европа. За жал, во овој момент тоа не треба да го очекуваме поради проблемите во рамките на самата ЕУ, па ќе мораме и овој проблем (како и другите) сами да си го решиме.

 

Горан Ѓуровиќ, аналитичар на медиуми и медиумско законодавство, директор на невладината организација „Медиа центар“