Медиуми? Финансирање? Контрола? Добродојдовте во времето во кое социјалните мрежи издаваат забрана за јавно пишување по тастатурата од мобилниот, ни повеќе ни помалку, туку на американскиот претседател…

Воја Жанетиќ

Да се договориме ние нешто: медиуми веќе не постојат. Барем не она што до сега го покриваше тој назив. Да викнеме поп, свештеник, оџа, којгоде задолжен за чинодејствувања кои го покриваат подрачјето меѓу простување гревови и простување – па да се разидеме засекогаш, „медиумите“ и ние. Свежата земја на гробот ќе ја порамни лопатата на дигиталното доба и информатично-информативните револуции поврзани со него. Туп, туп…

 

* * * * * *

Љубителите на носталгијата ќе се радуваат на сеќавањето дека најалтернативните и воедно најквалитетните медиумски собири во „она време“ во Белград се случуваа пред влезот во подземниот премин на Теразија; епицентарот на градот, околу 10-11 часот навечер. Возачи на министри и на директори, шпиони од амбасади, новинари во пензија и во работен однос, дисиденти, револуционери, вработени во Тајните служби, главно јавни… Целиот тој свет се собираше тука за да ги дочека утрешните весници, утринско издание. И – така свежо отпечатени – или да ги прочита тука на лице место, или да ги однесе на читање „каде што треба“. А требаше, секогаш.

Сега покрај тоа место минуваат главно вакцинирани, антиваксери и вакцинално рамнодушни, со мобилни телефони во рацете и со погледите заковани за екранот на споменатите направи. А веројатно веќе го нема ни „штандот“ со весници на плочникот. Ем е епидемија, ем штотуку отпечатените весници веќе никому не му се ни потребни. Насловните страни на утрешните весници се вообичаена содржина на порталите, а речиси сѐ останато и онака ќе биде објавено во електронската верзија на печатеното издание. За оние кои имаат или време или волја за какво и да е читање.

Никој го нема ниту едното ниту другото.

 

* * * * * *

Уште еден носталгичарски исечок… Во дамнешните времиња на интензивно дрогирање со некогашните медиуми – кои денеска само се викаат така – пред телевизор се седнуваше во шест и триесет, најдоцна. Па кога ќе заврши првата вечерна дневна информативна емисија на една телевизија, се гледа друга на друга телевизија, трета на трета… Потешките зависници го завршуваа својот дневен „шот“ дури и со државните вести во седум и пол. А најтешките наркомани можеа, од осум па натаму, да гледаат уште по еден час некоја политичка аналитика: тројца типови ѝ досадуваат на лажно импресионираната водителка со своите размислувања за Актуелната Ситуација. Некои од нив и за скришно примен хонорар. Всушност, многумина.

А сега? На екранот некој вработен го проповеда своето политичко „вјерују“, а пред телевизорот некој пегла, ги поправа очилата, ги прелистува социјалните мрежи на телефонот… Телевизијата стана радио, кое престанува да биде тоа само ако се затекнеме на Нетфликс, ХБО, спортски пренос. Значи, во нешто каде што нема блок реклами, емитуван помеѓу „што гледавме“ и „дај ми го тоа далечинско, ова е неподносливо“.

 

* * * * * *

Медиуми? Па Славица е медиум. Славица има профил на социјалните мрежи и таа споделува фотограии од роднините и од домашните миленици, му се лути на Кризниот штаб, има и понекое селфи. И Мирко е медиум, тој става „лајк“ на селфијата на Славица, навива за Саканиот клуб, ги плука оние што не го љубат истото што и тој. И така, неколку милијарди медиуми глобално, некои попаметни, некои поглупави, кои понекогаш ќе пренесат, во бранови дека Меган не го гуглала Хари кога го запознала, па не знаела дека е принц. Ама ајде.

Медиуми? Финансирање? Контрола? Добродојдовте во времето во кое социјалните мрежи издаваат забрана за јавно пишување по тастатурата од мобилниот, ни повеќе ни помалку, туку на американскиот претседател кој, во тој момент, сѐ уште ги има шифрите за предизвикување на нуклеарната војна. Москва и Пекинг можеш да ги разнесеш со „печурки“, но Славица и Мирко нема да те ретвитнат. А тоа, всушност, значи дека ќе постоиш само таму каде што никого не го интересираш. Во медиумите. Пардон, во „медиумите“. Кои веќе одамна не се тоа, освен за потребите на политиката, која, пак – во опкружувањето, а и пошироко – се обидува, преку спектакл на нешто одамна умрено, да ги одржи во гласачки транс оние кои поради старост или интерес сѐ уште одат да стават хартиено ливче во картонска кутија. Среде електронско доба.

Добредојдовте во постмедиумскот XXI век.