Нашиот нов онлајн пријател ни е пристапен за комуникација, но тој не е наш, не е ни јавен.

Проф. Др Владимир Радевски

Од скоро имаме сосема нов соговорник, прилично поразличен од досегашните – конечно соговорник, а не само препорачувач на акции. Дали поради квалитетот (на прв поглед) на содржините со кои ни одговара и нивната зачудувачка сеопфатност, но секако и пред се поради фактот дека ни се обраќа со текст, на нашиот, човечки јазик – имаме работа со артефакт којшто предизвика бројни академски и интелектуални дискурси, а веќе и ветувачки „моќи“ во неколку домени на економскиот, научниот и бизнис животот.

Ние сме зачудени, воодушевени, комуницираме со него се и сешто и ги раскажуваме нашите искуства со жар, но и со страв. Од научен аспект се чини дека навистина се работи за квалитативен скок. Први резултати на тој скок беа објавени во 2016 година кога Гугл го обзнани производот АлфаГо – софтверски систем којшто го победи тогашниот светски првак во Јужнокорејската игра Го. И претходно софтверски системи ги надминувале перформансите на човекот, но овој пат револуционерноста беше во тоа што АлфаГо е систем базиран на т.н. „длабинско учење“ односно дека наместо системот да биде „учен“врз основа на правилата на играта, тој беше обучен до експертиза со помош на прикажани огромен број на игри коишто системот требаше да „научи“ да ги „игра“. И тоа е една од суштинските карактеристики на системите кои се претпоставува дека се во основа и на фамозниот погорен споменат „генератор“.

Значи се работи за моќни софтверски артефакти кои имаат способност да „учат“ односно да се подобруваат и на кои суштински им е потребна огромна количина на претходно „изодени“ примери. Се работи за т.н. супервизиран тип на учење кадешто човечки фактор во текот на автоматското „обучување“ на артефактот има кључно влијание врз содржината и формата на резултатот.

Па така, со масовно „рачно“ (и буквално) влијание врз одговорите ние добиваме систем кој одговара секогаш љубезно, со пријатни фрази, претежно позетивен, се разбира максимално политички коректен.

Кој ги постави овие етички норми на што сакаме, а што не би сакале да слушнеме од нашиот нов оналјн пријател? Нашиот нов онлајн пријател ни е пристапен за комуникација, но тој не е наш, не е ни јавен. Тој е приватна корпорациска сопственост заедно со сите податоци и примери на податочни множества врз коишто е „обучуван“, заедно со целата процесорка моќ и заедно со сите „рачно“ вметнати стилови и типови на одговори

Човештвото досега со богата историја на интелектуален напор разви механизми за  контрола на квалитетот на прехрамбените продукти, на медицинските прозиводи и има комплексна историја на регулирање на медиумскиот простор – простор кадешто се во оптек приказните, текстовите и материјалите за масовна комуникација. Равиени се комплексни процедури за контрола на квалитет, сертифицирани и регулирани професии. Се разбира со различен степен на успех и квалитет. Одеднаш имаме „раскажувач“ којшто не е ограничен од ништо од сево ова.

Она што во последните две децении остана да се развива прилично нерегулирано или кадешто со огромни напори се постигна релативно скромен степен на регулираност се пристапноста на содржини на интернет, начинот на објавување на содржини и уште повеќе начинот на консумирање на содржини како од интернет така и на социјалните мрежи и специјализираните платформи. Во овие сфери покрај доминантниот принцип на „фер употреба“ кој преовладува во САД и напорите за регулатива и заштита кои се прават на ниво на институциите во ЕУ – има огромно поле на сиви зони.

Не можевме да регулираме дека пристап до паметен телефон во тек на настава којашто не е поврзана со мобилни апликации е исто како и носење на топка за баскет во кабинет за настава по биологија. Прилично поопасно од тоа. Неможевме да регулираме дека пристапот до социјални мрежи и специфични платформи е штетен за правилен психофизички развој на младите. Едвај, и само понекаде, адиктивните компјутерски игри имаат регулирано максимално времетраење – и тоа со ограничен ефект. Нашиот секогаш спремен, зборлив и многу интелегентен „пријател“ се плашам дека нема да можеме да го регулираме од истата причина. Бидејќи нема да сакаме и бидејќи повеќе ќе сакаме да имаме инстантен пристап до тој чуден сезнајко пророк – или бајачка.

УНЕСКО во 2021г. донесе акт за Етиката во вештачката интелигенција како резултат на повеќемесечни коснултации со врвни експерти и научници. Како и многу други, се плашам дека овие препораки остануваат на хартија и далеку позади тркачите за профит, инстант резултати и придобивки.

 

Проф. Др Владимир Радевски, American University, Skopje