Претставниците на власта одамна го суспендираа основното новинарско средство за работа – прашањето. Прашањето стана најсубверзивна активност.

Весна Малишиќ

Секоја година, Србија паѓа на листите што го мерат степенот на слобода на медиумите во светот. И тоа веќе не е новост. За жал, ваквите оцени почнавме да ги прифаќаме со неподнослив степен на рамнодушност. Се навикнуваме на стеснетиот простор на слободата и на празниот простор онаму каде што би требало да има место за дебата, критички збор и поинакво мислење. И каде што, со помош на медиумите, би требало да се воспоставува и одржува одговорност. Сепак, српските медиуми се социјализирани во атмосфера на подаништво и сервилност, така што секој дамар слобода во уште неколку медиуми кои не се под контрола на актуелниот режим е еднаков на инцидент. Повеќето медиуми, за жал, се чувствуваат безбедно само во непосредна близина на власта од која зависат финансиски, но која, за возврат, ги инструментализира до крајна мера на издржливост.

Медиумите во Србија не успеаја да се борат за регулирана сопственост, ниту за транспарентно работење, ниту за финансиската состојба на нивните новинари. Несигурната работа ги направи сите лесно заменливи, поради што стануваат сè попослушни. Притисокот за зголемување на тиражот и цунамито на сензационализам ги уништија професионалните стандарди, претворија многу медиуми во политички, полициски, па дури и криминални служби за испорака, каде што анонимните извори станаа главни и неспорни, и во кои се кршат човековите права, се гази достоинството и се уништуваат професионалната и човековата репутација. За жал, во Србија, законите, кодексите и стратегиите не се пречка медиумите да станат главни поддржувачи на авторитарниот режим, но исто така и стап што удира по секого кој би го загрозил. Медиумите контролирани од режимот станаа де факто оружје за специјална војна на политичарите и тајните служби, и така ја загрозија можноста за демократска трансформација на општеството. Бидејќи, елементарно пристојна држава не може да се изгради со брутализирање на јавниот простор во кој учествуваат и медиумите. И тука доаѓаме до парадоксот и апсурдот на демократската транзиција на оваа земја. Од таквите медиуми се очекува да бидат активен фактор во промената на атмосферата во општеството, да го поттикнат дискурсот за дијалог – а тие самите се послушници на краток ланец на сопствениците и на политичките партии на кои им служат. Со нов изум – напаѓање на послушните врз професионалните медиуми. Критичките медиуми, нивните уредници и сопственици лесно завршуваат на насловните страници на таблоидите, со фотографии како потерници и бројни лажни вести што ја дискредитираат нивната приватна и деловна репутација.

И затоа овде повеќе не е вест дека 92 проценти од времето во централните вести е посветено на актерите на владејачките партии, а само осум проценти на сите други кои главно се презентираат негативно.

Претставниците на власта одамна го суспендираа основното новинарско средство за работа – прашањето. Прашањето стана најсубверзивна активност. Му се вчитуваат скриени значења, му се откриваат лоши намери и му се припишуваат сериозни заверенички амбиции, зад кои стојат домашни тајкуни или странски моќници што сакаат да го срушат, ни помалку ни повеќе, претседателот на државата. Затоа со години во Србија, медиумите кои не ги контролира власта не успеваат да бидат домаќини и да постават прашање на речиси ниеден претставник на власта.

И тоа е рамката за медиумската слика во Србија, која во светот е опишана како делумно слободна земја или фасадна демократија. Тоа е атмосфера во која се пресечени врските помеѓу етиката и новинарството, а доминираат политичките притисоци. И во која, и покрај околностите, сепак, ретки медиуми сè уште одржуваат професионални стандарди и одговорно новинарство.

 

Весна Малишиќ, заменичка на главниот и одговорен уредник на неделникот НИН