Според извори од кабинетот на премиерот Кривокапиќ, вицепремиерот Дритан Абазовиќ го искористил своето влијание седницата да не се одржи на колена, како што беше претходно најавено.

Брано Мандиќ

Денеска Владата на Црна Гора ќе ја одржи првата литиска седница, која ќе започне во центарот на Подгорица, а ќе заврши во населбата Долјани, на урнатините на црквата од времето на императорот Јустинијан.

Предвидено е на чело на владината колона да биде премиерот Златко Кривокапиќ, а дванаесетте министри ќе го следат молитвениот чекор во парови.

Тема на седницата е економската состојба и претстојната туристичка сезона. Возачите на автомобили и на запрежни коли се молат да ја пропуштат извршната власт, „на првото пешачко заседание во светот“.

„Тоа ќе биде наш бренд, нека се знае дека Црна Гора има здраво тело и здрав дух. Продадовме лимузини вредни милион и пол евра од времето на Ѓукановиќ, но тоа не е доволно. Мораме да одиме понатаму, духовно, а пеш!“, напиша Кривокапиќ на својот профил на Твитер.

Според извори од кабинетот на премиерот Кривокапиќ, вицепремиерот Дритан Абазовиќ го искористил своето влијание седницата да не се одржи на колена, како што беше претходно најавено. Кривокапиќ не крие дека дури со клечењето во парови, таканаречениот двоклек, министрите би биле духовно спарени за да бидат на ниво на важните одлуки.

Статутот за работа на Владата предвидува дека, ако му се појави визија на министерот за време на литиската седница, колоната ќе застане и ќе формира молитвен круг. Доколку визијата му се укаже на самиот премиер, Статутот предвидува местото да биде обележано и регистрирано како државна сопственост.

Времето што го избра црногорската Влада за литиската седница не е најдобро, бидејќи Српската православна црква во моментов одлучува за канонско признавање на т.н. авто-литија. Се добива впечаток дека на овој начин Владата се поставува на едната страна од поделеното свештенство, и тоа против т.н. новодојденци кои ја поздравуваат авто-литијата, под услов притоа да се користи безоловно гориво.

„Ние не се мешаме во црковни прашања, ниту сме под влијание на свештенството. Се молиме на Господ да ни верува, како што веруваме во Него“, рече Кривокапиќ во неформален разговор со новинарите на Радио Светигора.

Литиската седница во Подгорица е можност да се испроба опремата што ја требуваше Владата за потребите на длабински стенограм и поефикасно водење на службените белешки. Станува збор за руски електромагнетен спектрограм кој мери невидливи бранови, за кои постои сомневање дека се појавуваат секогаш кога некој ќе го изговори целосното име на Министерството за образование, наука, култура и спорт.

Непартиски експерт со најмалку двегодишен стаж во армијата ќе ја задолжи скапоцената направа популарно наречена Тајновид, со која Кривокапиќ ќе се обиде да мапира невербални молитвени шеми при донесување одлуки.

На крајот од работниот ден, Кривокапиќ и министрите ќе извршат литургија во манастирот Златица во Долјани, додека Абазовиќ, како единствен член на тимот од исламска вероисповед, ќе го координира читањето на првите записи од Тајновид, и ќе им се обрати на новинарите во манастирскиот конак.

Доколку литискиот менаџмент се покаже успешен, а Тајновид добра инвестиција, владата планира да отвори преговори со Црквата околу авторските права и да формира заеднички тинк-тенк, кој би бил насочен кон надворешниот политички пазар.

 

Брано Мандиќ, новинар и писател, еден од најчитаните колумнисти во Црна Гора.