Радувај се, Црна Горо, го доби својот Вили Брант, мандатар кој половина од своето политичко житие го мина клечејќи по манастири, зобајќи жито врз надгробниот мермер, храбар сурфер на литискиот бран, оној што јавна штица од тиково дрво осветена под Острог, каде што, патем речено, е формирана и новата влада.

Брано Мандиќ

Се радува Црна Гора деновиве, дочека политичка елита која нема да мисли на гласачите само на овој свет; доби гарнитура со нови кадри на чело со мандатарот Здравко Кривокапиќ, кој ветува агилна реформа и во периодот по смртта.

Мина времето на кампањски осцилации од избори до избори, конечно сериозен човек за вечност, некој кој е кадарен да се нафрли на лажичката за причестување среде пандемија и да ги повика граѓаните да го поделат со него биолошкиот ризик, а сето тоа за да се исполни вториот дел од неговиот економски план – царството небесно.

Кутриот Кривокапиќ е непартиска личност, па никому не му смета што црквата му овозможува логистика. Тука главно се мисли на озвучување, вино, проја и основни потрепштини со цел да му се подведе на вирусот пристоен број на гласачи. Црквата направи и многу повеќе, жртвуваше архиереј, само да се собере народот во соборниот храм. Погребот на митрополитот Амфилохие, е тоа беше сцена достојна за големи гестови, па Кривокапиќ му покажа шестки на демонот на новиот светски поредок и ја подели лажичката со стадото.

Инаку, мандатарот своите идни министри ги нарече апостоли, па јасно е дека веќе никого не го интересира материјалното, затоа што „вјечнаја памјат“ е она околу што се собира демократизираната Црна Гора. Затоа храбро во смрт, порача мандатарот, вашите имиња се веќе на списоците на НКТ (Националното координативно тело за заразни болести) и температурата по која ќе следи пневмонија ќе трае кратко за вашиот дедо или чичко, кои одат на подобро место, плус ги ослободуваат овоземската буџетска потрошувачка и резервите на „лонгацеф“.

Значи, со преселба на дел од населението на оној свет, под менаџерското око на државата и на локалните цркви, се врши некаков вид на редистрибуција на ресурсите и на капиталот, колективно реформско прегрупирање во стилот на некогашната деаграризација. Разликата е што овојпат домаќинот не ги напушта селската шумичка и стадото кози, туку мирно ја преоѓа реката Стикс и се запишува во катастарската единица на вечното утре. Затоа, радувај се, Црна Горо, го доби својот Вили Брант, мандатар кој половина од своето политичко житие го мина клечејќи по манастири, зобајќи жито врз надгробниот мермер, храбар сурфер на литискиот бран, оној што јавна штица од тиково дрво осветена под Острог, каде што, патем речено, е формирана и новата влада.

Кому уште му требаат политичари што ќе те искористат додека не цркнеш и потоа веќе не мислат на тебе? Извршната власт треба да обезбеди грижа откако ќе ѝ се предадеме на вечната вистина. Кривокапиќ е првиот што го почувствува тоа и понуди јасен, а православен план.

На тој начин, короната од криза прерасна во шанса, манастирските крушки во Пипери цветаа двапати, проплакаа неколку лози на приморјето, а еден ученик од Космет го сонил Свети Пантуфие, кој му објаснил на министерот за финансии дека договорот со ММФ мора да се прифати, и по цена апостолската влада да престане да биде омилена меѓу народот.

Значи, реформите ќе бидат болни, но се неопходни и богу мили. Не заборавај, измачен читателе, дека никој не избегнал данок и смрт, тие два залози на секоја стабилна држава. Амин!

 

Брано Мандиќ, писател и новинар, еден од најчитаните автори во Црна Гора. Сатиричните колумни во подгоричкиот дневен весник „Вилести“ го приближија до најшироката читателска публика. Од неодамна ја води и уредува радио емисијата „Зизнула“ на студентското радио „Крш“ во Подгорица.