Кога институциите на заедницата се ослабени, луѓето чувствуваат дека се сами и одговараат на неизвесноста така што предвидуваат најлоши исходи, носејќи оружје и реагирајќи на агресијата со уште поголема агресија.

Бранка Драшковиќ

Насилството е глобален феномен кој доведува до смрт на преку 1,6 милиони луѓе секоја година, што го прави една од водечките причини за смрт ширум светот.

Насилството, исто така, се покажало и како неверојатно скапа појава. Вкупното влијание на насилството врз светската економија е проценето на 13,6 милијарди долари – цифра која е еквивалентна на 13,3 отсто од светскиот БДП.

Покрај тоа, насилството става тежок товар врз здравствените и правосудните системи, службите за социјална заштита и економијата на заедницата.

Високата стапка на насилство во сите земји од светот, па и кај нас, е последица на општествените, економските и политичките предизвици, како што се општествената нееднаквост, брзата урбанизација, сиромаштијата, невработеноста и институционалните недостатоци.

Глобалната пандемија на КОВИД 19 ги влоши факторите на ризик за насилство како што се: осаменост, изолација и економска нестабилност. Насилството има тенденција да расте и во времиња на неизвесност, особено кога недовербата во јавните институции е голема. А социјалните медиуми служат како акцелератор, поттикнувајќи бес и неадекватни модели на реагирање.

Кога институциите на заедницата се ослабени, луѓето чувствуваат дека се сами и одговараат на неизвесноста така што предвидуваат најлоши исходи, носејќи оружје и реагирајќи на агресијата со уште поголема агресија. Оваа теорија ја поддржуваат и анализите, кои покажуваат дека повеќе луѓе носат оружје одошто претходно.

Главните слабости на системот за превенција и заштита од насилство во нашата земја се:

– Не постои функционално централно тело кое би било одговорно за координација, следење и оценување на ефектите од политиките и мерките за превенција и заштита.

– Не постои развиена методологија за систематско следење на примената на постоечките протоколи.

– Не постои централизирана база на податоци.

– Процесите на следење и на евалуација на интервенциите (закони, политика, мерки, програми, услуги) се ретки и несистематски.

– Интервенциите не го земаат предвид социо-економскиот контекст.

– Системот е повеќе фокусиран на одговор и заштита одошто на превенција. Програмите за превенција се ретки, не се редовни, ниту систематски, и најчесто немаат голем опсег.

– Програмите за поддршка на родителството и на семејствата се слаби или непостоечки.

– Недостига подигање на свеста и работење на промена на општествените норми, вредности и ставови (продолжување на кампањата за нулта толеранција кон насилството, поттикнување на ненасилна комуникација, забрана на насилно дисциплинирање на деца и поттикнување на родова рамноправност и недискриминација).

Особено треба да се обрне внимание на дигиталното насилство, на кое најмногу се изложени жените и децата. Која било личност може да биде погодена од злосторство или насилство така што ќе го доживее директно или индиректно, како што е присуствување на насилство во сопствената заедница, или слушање за злосторство и насилство од другите жители. Значи, станува збор за директно и индиректно насилство.

Србија има голем степен на ризик од насилство. Она што е најголем проблем во нашата земја се добри закони, но лоша имплементација, како и лошата координација меѓу институциите кои се занимаваат како со превенција, така и со последиците од насилството.

Потребно е повеќе да се работи на превенција на насилството и на едукација на децата и на адолесцентите. Мерките кои досега се преземаат се оние кои се видливи (училишни полицајци). Нивната улога е многу значајна, но многу е поважно кај младите да се развива емоционална самоконтрола и други механизми кои придонесуваат за контрола на агресијата и за нејзино управување.

Иако на насилството честопати се гледа и се реагира како на неизбежен дел од човековото постоење, таквите претпоставки се менуваат, фокусот се шири, а во нашата земја многу поголем акцент би требало да се става на превенцијата на насилното однесување, а не на последиците.

За напорите за превенција да бидат успешни, потребно е да се работи на раст на подоброто разбирање на овој сложен феномен. Моралните кодекси можат значително да варираат ширум светот, што претставува предизик за решавање на честопати чувствителната тема за насилството, неговите причини и последици, меѓутоа, потребно е да се постигне некаков облик на заедничко разбирање со цел ефикасно да се заштитат човечкиот живот и достоинство.

 

Бранка Драшковиќ, психолог, вработена на факултетот ФЕФА во Белград