Се добива впечаток дека власта, со стеснувањето на просторот за граѓанско дејствување, се обидува да го хомогенизира јавното мислење околу високите надворешнополитички приоритети, наместо да води суштинска и широка дебата во врска со нив.

Бојана Селаковиќ

Глобалните и регионалните пореметувања кои ја одбележаа изминатата година јасно ги покажаа слабостите на демократијата и недостигот на институционални капацитети во Србија. Војната во Украина и интензивирањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина ги потиснаа сите други теми од фокусот на институциите и од јавниот простор воопшто, создавајќи дополнителна поларизација меѓу политичките актери, но и меѓу граѓаните. Помеѓу овие два процеса се случи рушење на основните права и слободи, пред сè во форма на бројни неправилности во текот на изборниот циклус, но и случаи на кршење на слободата на собирање и изразување кои се случија во текот на 2022 година, а кои се констатирани во бројните домашни и меѓународни извештаи. Се добива впечаток дека власта, со стеснувањето на просторот за граѓанско дејствување, се обидува да го хомогенизира јавното мислење околу високите надворешнополитички приоритети, наместо да води суштинска и широка дебата во врска со нив. Тоа јасно се прелева и врз процесот на придружување на Србија во Европската унија, бидејќи сите овие случаи се одразуваат врз оцената за напредок на Србија во областа на политичките критериуми. Затоа особено внимание треба да се обрне на трендот на симулирање демократија кој, за потребите на формалниот напредок на Србија во преговарачкиот процес, ги маскира слабостите на фунфаменталните темели на демократијата – принципите на поделба на власта и на владеење на правото. Како што се стеснува просторот за граѓанско дејствување, паралелно се стеснува и просторот за носење одлуки. Механизмите кои го обезбедуваат влијанието на јавноста врз процесите на одлучување постојат, дури и формално се унапредуваат, но суштинското влијание на граѓаните и на стручната јавност и понатаму останува минимално. Се организираат јавни расправи и консултации, но без суштинска волја реално да се согледаат и да се уважат предлозите и забелешките кои доаѓаат од страна на цивилното општество.

Во овој момент посебно внимание треба да се обрне на улогата на Парламентот кој во тековниот, за разлика од претходниот мандат, рефлектира одредено ниво на политички плурлизам. Сепак, пратениците на политичката опозиција се соочуваат со бројни опструкции од владејачката пратеничка група. На тој начин се обесмислува позицијата на Парламентот како претставничко тело на граѓаните кое покрај законодавната, треба да врши и контролна функција во однос на работата на Владата. Еден од најилустративните примери за тоа е токму пасивноста на Народното собрание во однос на народната иницијатива поднесена за усвојување на закон со кој би се забранила експлоатацијата на литиум во Србија. Иако народната иницијатива е поднесена во согласност со одредбите на новиот Закон за референдум и народна иницијатива, чие усвојување беше пофалено од страна на релевантните меѓународни актери, Народното собрание не направи ниту еден процедурален чекор кој би довел до тоа народните пратеници да се изјаснат околу поднесената иницијатива. На овој начин се пробиени сите законски рокови предвидени со закон, без никакво објаснување од страна на Претседателот на Народното собрание. Предметот на народната иницијатива се однесува на тема која до минатогодишните избори беше многу видлива и за која е заинтересиран голем број граѓани, а која со реакциите на претседателот на Републиката и на претседателката на Владата на Република Србија беше тргната од јавниот простор. Имајќи ја предвид важноста на усвојувањето на овој закон за потребите на организирањето на уставниот референдум, потребно е да се инсистира на процедурално завршување на постапката која се однесува на оваа народна иницијатива, прва што е поднесена според правилата и условите на новиот Закон за референдум и народна иницијатива. Во спротивно, народната иницијатива како моќна граѓанска и демократска алатка, предвидена со Уставот на Република Србија, ќе биде целосно обесмислена.

 

Бојана Селаковиќ, координаторка на Националниот конвент за Европската унија