Отворен Балкан звучи добро. Но тој е се само не Отворен. Тој Балкан се уште живее ограден со ментален ѕид.

Борјан Јовановски

Самата иницијатива за Отворениот Балкан како автохтона звучи добро. Да се работи на развој на регионална соработка како потреба на самите земји од регионот а не како геополитички проект на било кој меѓународен фактор сама по себе би значела значен исчекор во квалификацијата на балканските држави за членство во ЕУ но и пробив на менталните бариери. Но за да се добие тој резултат прво треба сите земји во регионот да бидат на чисто со тоа дали навистина имаат потреба од интеграција во ЕУ или таа им служи на актуелните политичари само како димна завеса која прикрива корупција и авторитарни тенденции. Државите во регионот на пример имаат основен проблем да застанат зад заедничка Декларација со која гласно ќе побараат ЕУ да ги забрза интеграциските процеси и да ја одреди 2030 година како рок за членство во ЕУ. Немоќта да се игра тимски во остварување на стратешките цели произлегува од моќта на скриените агенди кои од позадина ја минираат секоја добра намера. Во таа смисла ниту една од регионалните иницијативи , без разлика дали доаѓа од регионот или однадвор не дава никаков резултат осем бесконечна серија на  состаноци кои ако се пресмета само трошокот за нивна организација прават поголема штетат од било каков бенефит.  Последната парада во Тирана на берлинскиот процес не можеше да ги сокрие длабоките разлики кои ја оптоваруваат регионалната соработка.

Најголем проблем во таа смисла е Србија која со оглед на габаритот и геостратешката позиција е клучна за успехот на било кака регионална иницијатива за соработка. Нејзини0от флерт со Москва и Пекинг ја прават да биде “разводна табла” преку која во регионот се шири руската пропаганда чие најразорно орудие е албанофобијата и поттикнување на секој можен начин на конфликт меѓу православните и муслиманите.  Во случајот на Македонија, Москва веќе и нема потреба да троши ресурси затоа што преовладаните српски медиуми тука мошне ефикасно ги шират постулатите на таа пропаганда дополнително зачинети со дискредитација на ЕУ и европските интеграциски процеси. Слично, Белград на овој начин влијае и врз Црна Гора и Босна и Херцегоцвина.  Па така Отворениот Балкан во таа смисла, кога станува збор за Македонија може да се преведе како Отворен канал за руската пропаганда.

И за да се стави крај на долгата агонија на регионот која се крие зад вратите на секоја иницијатива за регионална соработка потребно е државите од Западниот Балкан на највисоко ниво да седнат и меѓусебно да се разберат кој навистина што сака и посакува. Се до тогаш било која регионална иницијатива е само смоквин лист зад кој се скријат потентните балкански атавизми.

 

Борјан Јовановски, долгогодишен дописник од Брисел и автор на поголем број ТВ програми посветени на европските интеграциски процеси