Во нашите авторитарни и исклучиви заедници, нетолерантни кон другите и различните, насилството врз жените во политиката е речиси нормализирано. За жал, и самите жени учествуваат во дискриминацијата на жените во политиката, со што се обезбедува мнозинска поддршка за режимите што ги дискриминираат.

 Божена Јелушиќ

 Во поновата црногорска историја, влегувањето на жените во политиката ќе биде иницирано од Антифашистичкиот фронт на жени по Втората светска војна, но без квоти и Законот за родова еднаквост, дејствувањето на црногорските политичарки денеска би било скоро незамисливо. И на глобално и на локално ниво, предизвиците се слични: прилагодување на политиката, обновување на религиските практики, екстремизација и фундаментализација, дигитални предизвици на насилство врз жените во политиката… Конечно, и COVID-19 открива речиси недопрен систем на родово насилство и дискриминација во сите области на живот.

Во такво опкружување, црногорските политичарки сепак дејствуваат порешително и посамосвесно отколку порано. Тие го разбираат насилството на кое се изложени како цена што треба да ја платат. Квотите и распоредот на изборните листи се причина да им се припише дека „полесно напредуваат“. Меѓутоа, половина од црногорските жени политичари не се во брак или се разведени, што на свој начин открива нефер распределба на времето за семејна грижа и индивидуален развој. Ова е особено злоупотребено од политичките партии, а конфликтот веднаш се припишува на жена која се наметнува на кој било начин. Неформалните центри на моќ се сè уште недостапни за жените, а токму во нив се донесуваат клучни политички одлуки. Со парите на партијата претежно управуваат мажи, така што во кампањите малку се вложува во промоција на жени лидери. Затоа нивните форуми честопати се „нужно зло“ и се сведуваат на партиски декор. Фактот дека мажите лесно ги артикулираат своите мотиви за вклучување во политика – како економски и лидерски, а жените во најголем процент – не знаат или не сакаат да одговорат, претставува своевиден индикатор за наметнат срам поради кршење на утврдените родови улоги.

Дискриминаторскиот третман на жените политичари има за цел да обесхрабри и замолчи и е системски производ на патријархатот. Честопати не е препознаен и од многу образовани и сензибилизирани мажи, иако редовно го практикуваат. Нов феномен е електронското насилство и насилството на социјалните мрежи. Авторите се обично анонимни, иако е лесно да се препознаат нивните политички и интересни центри. Сепак, жртвата не е анонимна и канонадата од напади врз одделни политичарки честопати има облик на специјална и тотална војна. Дискредитацијата на црногорските политичарки во јавноста открива дека сите лостови на моќ, како во полето на политиката, така и во сè друго, се, пред сè, во машки раце.

За жал, и самите жени учествуваат во дискриминацијата на жените во политиката, со што се обезбедува мнозинска поддршка за режимите што ги дискриминираат. Политичарките честопати се прилагодуваат на „персоната“ на гласачот, кого го дефинира фактот дека во поранешна Југославија по 90-тите години се етаблираа националните држави, што во суштина ја зајакна мизогинијата и воспостави национално-популистички модел на жени одреден со историјата, јазикот, традицијата, татковината, мајчинството. На тој начин, на политичарките им се наметнуваат „машки“ конструкции, кои потоа ја одредуваат сериозноста и природата на нападот врз нив самите. Таквата „машка“ политичка артикулација повторно го воспоставува патријархатот како есенцијална категорија и суштински ја зајакнува спиралата на насилство што се врши врз жените благодарение на споменатите конструкции.

Не е помалку важно тоа што по триесет години образовно талкање, се појавуваат генерации млади луѓе кои не се сигурни што е фашизам, што е историски и вредносно непобитно, кои стекнуваат знаење за себе и за другите во ехо-коморите на социјалните мрежи и на теоретичарите на заговор. Затоа, во нашите авторитарни и исклучиви заедници, нетолерантни кон другите и различните, насилството врз жените во политиката е речиси нормализирано. Сепак, црногорските политичарки денеска поодлучно му се спротивстават и се борат за своето место во политиката.

 

Божена Јелушиќ е член на Парламентот на Црна Гора