Болно сум свесна дека професијата просветен работник денеска е апсолутно обезвреднета. Со години наназад едвај спојуваме крај со крај.

Билјана Стеваниќ

 

Го сакате ли училиштето?

Јас го сакам!

Го сакам од кога знам за себе. Моите први сеќавања се врзани за училишната клупа во која седам меѓу две девојчиња и нешто цртам… Бегав од дома, каде што ме чуваше тетка ми, и одев кај мајка ми во училиштето, оддалечено стотина метри, и сè додека тетка ми не дојдеше по мене, уживав со учениците. Едвај чекав и самата да станам ученик, а мојата љубов кон училиштето сè повеќе растеше. Ништо не ми беше тешко, љубопитноста ги совладуваше сите препреки, се нижеа петки и награди… Наставниците за мене беа светлина која ми ги осветлуваше патиштата на сознанието, личности за кои никогаш не се поставуваше прашањето дали имаат право, беа мои пријатели. И денеска кога ќе сретнам некои од нив, чувствувам стравопочит и љубов, радост што се сè уште живи и посакувам и моите ученици еден ден така да размислуваат за мене.

Од „оваа страна на катедрата“ сум нешто повеќе од 37 години. Многу мои ученици се успешни бизнисмени, научници, мајстори на својот занает. Ми се јавуваат од разни страни на светот и ми се заблагодаруваат на сè што сум им пружила и на сè што сум ги научила во електротехниката, а кога ќе се сретнеме на некоја од годишнините на матура и кога ќе ми кажат дека сум нивна „втора мајка“, усните ми се развлекуваат во насмевка, а во очите ми заискруваат солзи од некаква убавина. Тогаш знам дека не сум погрешила што сум одвојувала од своето слободно време за што подобро да ги подготвам предавањата, што на часовите секогаш сум имала време да ги посоветувам, да им укажам на грешките, да ги учам на пријателство, љубов, толеранција, да ги воспитувам…

За жал, болно сум свесна дека професијата просветен работник денеска е апсолутно обезвреднета. Со години наназад едвај спојуваме крај со крај, немаме доволно пари за лекови, за квалитетна храна, сè почесто гладуваме, а одењето на концерти, на театар, на летување – ни е сè подалечно. Како ќе ни биде допрва, кога ќе бидеме во пензија?

Она што уште потешко ми паѓа е односот кој кон нас го имаат денешните ученици, полн со непочитување, со потсмев, со безобразлук. На наставниците им се истргнуваат столови, ги претепуваат на улица, се пука во нив… Не е ни чудно, кога таков однос кон нас имаат нивните родители, кои си дозволуваат себеси да се плеткаат во нашето работење, негативно да го коментираат секој наш обид да се избориме не само за поголеми плати, туку и за подобро целокупно образование, кое е на работ на бездна. Повторно, не е ни тоа чудно, кога власта се однесува кон нас како кон непотребна професија, кога од Министерството за просвета и од Училишната управа секој час ни стигнуваат нови барања за пишување на разни непотребни извештаи, за пополнување на бесмислени табели, прашалници… Ако сето тоа не сме го напишале, како да не сме ни работеле!

Посебна приказна е тоа што сите бараат повисоки оцени од заслужените, што многумина се принудени да даваат добри оцени за незнаење, инаку ќе се најде група родители која ќе пишува петиција во која ќе бара на наставникот да му се одземе лиценцата, бидејќи „дава претешки задачи“! Се зборува дека во Законот за основно и средно образование ќе се внесе член според кој ќе бидеме обврзани писмено да ја образложиме секоја оцена со која родителот не е задоволен! И Министерството ќе им угодува ним, а ние ќе се најдеме на улица, ако воопшто ја преживееме тортурата од арогантните ученици и нивните родители.

И потоа се поставува прашањеро зошто има сè помалку студенти на факултетите за наставници и зошто најдобрите ученици веќе не се определуваат за професијата просветен работник. Се плашам дека ќе биде сè полошо и дека моите внуци нема да имаат кој да ги учи.

Ако во Србија наскоро нешто не се промени и образованието не се врати на местото кое му припаѓа, тешко на нашите деца, тешко нам и тешко на Србија!

Затоа што, тешко на училиштето во кое повеќе нема да работат оние што го сакаат!

 

Билјана Стеваниќ, професор по електротехника во Горњи Милановац