Политичката артикулација на етнонационалистичкото владеење е етнополитика со цела шума свои „соодноси“, „квоти“, „реципроцитети“, која ја прави оваа држава „делумно слободна делумна земја на делумна демократија“.

Асим Мујкиќ

Кога ќе прочитаме дека БиХ според параметрите на состојбата на демократијата е оквалификувана како „делумно слободна земја“, и тоа денеска, по повеќе од 30 години таканаречена демократска транзиција, во нас се буди само една малициозна реакција, која, конкретно мене, ме тера да кажам – тоа не е точно. Напротив, БиХ достигна степен на учебничката дефиниција за демократија како владеење на народот во полн капацитет на зборот „народ“, етнички народ. Додека ги следиме сизифовските напори на една коалиција со нешто поблаг „народен набој“, со нешто малку повеќе „граѓански елементи“ да ја воспостави, врз основа на изборните резултати од октомври 2022 година, вертикалата на својата легитимна власт, не можеме да го избегнеме заклучокот дека етнонационалистичкиот поредок речиси во целост е нормализиран. Политичката артикулација на етнонационалистичкото владеење е етнополитика со цела шума свои „соодноси“, „квоти“, „реципроцитети“, која ја прави оваа држава „делумно слободна делумна земја на делумна демократија“. Зошто е тоа така? Затоа што клучниот субјект на етнополитиката во некоја земја е „народот“, а не индивидуалниот граѓанин со своите колективни афилијации. Тој народ, како „субјект“, својот субјективитет го спроведува преку застапување чии носители се политички претставници кои го минале изборниот процес исклучиво во рамките на тој народ. Така, општите избори од перспектива на етнополитиката секогаш се „внатрешнонародни“, каде што фракциите на политичките елити од етничкиот народ се борат за водечка позиција на негов „претставник“ во наредниот мандатен период.

Вистинските избори, кои само почесно се нарекуваат општи, се водат меѓу политичките лидери во рамките на поединечни народни блокови. Избраните народни претставници во „државните “ (над-народните) институции, по изборите, преговараат со другите исто така избрани претставници на своите народи околу позициите и квотите кои ќе ги заземаат во наредниот период. Евентуалната победа на некои „мултиетнички“ опции може да биде легитимна само ако се пикне – со силата на етнополитичката апаратура на квоти – во една од „народните“ ниши, па така партиите со либерално-лева ориентација, како, да речеме, СДП и Наша партија, ќе можат политички да оперираат единствено во рамките на „бошњачкиот“ дел од општата народна власт, на што, гледано од оваа перспектива, со право ќе се налути единствениот „легитимен“ политички претставник на бошњачкиот народ – СДА.

Со оглед на тоа дека субјект на етнополитиката е народот, содржина на политиката може да биде само она што елитата на политичките претставници ќе го постави како „народна цел“ или „интерес“. Тоа во принцип значи дека егзистенцијалните, конкретните, заедничките проблеми (на пример, располагање со јавните, природни ресурси и простори) на конкретни поединци од народот, но и од „не-народните“ групи и поединци не можат да се разгледуваат. Народниот субјективитет мора да се држи кохерентен и јасно разграничен од другиот народ.

Тоа разграничување се одржува со постојани мобилизации на народното единство околу клучни колективни теми или трауми, со застрашување од другиот народ. Кохерентноста на народот како политички субјект најлесно се постигнува и одржува преку територијално разграничување меѓу народите, со повлекување на територијални граници за на таков начин да се создаде демографско мнозинство на одреден народ во форма на ентитет, кантон или барем општина. Територијалната редистрибуција е камен-темелник на „државната причина“ во чие светло етнополитиката прераснува во национална државотворна политика.

Таквото владеење на етнополитиката поради постојаното популистичко мобилизирање на народниот субјективитет, одржувањето на жарот на националните револуции започнати со воените дејствија во 90-тите, несомнено води кон авторитаризам, а никако кон демократизација на општеството или европеизација, ако под тоа подразбираме владеење на правото, човекови права и слободи, индивидуален граѓанин како субјект на сопственото самоопределување, држава на социјалната правда…

Секој режим, со повеќе или помалку авторитарни елементи во денешна Европа е близок на етнополитичкиот принцип. Недемократските елементи кои се идентификуваат во политичкиот живот на тие земји (на пример, Полска, Унгарија) директно се пропорционнални на етнополитичкиот удел во тој живот. Тоа се илиберални, или „делумно слободни“ демократии.

 

Проф. д-р Асим Мујкиќ, академик, професор на Факултетот за политички науки во Сараево