Обвинителите кои воделе случаи на организиран криминал и корупција честопати потфрлиле затоа што поднеле нецелосни обвиненија или правеле процедурални грешки при истрагата на случаите.

Д-р Арбереша Лоџа

Меѓу суштинските показатели на демократијата се поделбата на власта, транспарентноста, отчетноста, слободата на медиумите, гарантирањето и унапредувањето на човековите и малцинските права и спречувањето на корупцијата итн.

Косово и понатаму добива оцени дека е во раната фаза во борбата против корупцијата и организираниот криминал. И покрај иницијативите и некои конкретни случаи кои имаат за цел да покажат ефикасност против оваа појава, најголемиот број случаи на корупција завршуваат со ослободувања и одбивања, а само многу низок процент завршуваат со казнени пресуди. Но, и во случаите кога се казнуваат функционерите инволвирани во коруптивни дела, казните против нив се многу ниски, а во повеќето случаи не се во прашање високи службени профили. Така, веќе е создадено уверување дека високите службени профили остануваат неказнети и покрај поднесувањето обвиненија.

Некои од причините за неуспехот на обвиненијата во случаите каде лица од висок профил се обвинети за корупција се: нивното влијание врз судството, непреземање соодветни истражни дејствија, ненавремено закажување судски рочишта, неуспех на рочишта поради отсуство на судиите, обвинителите, обвинетите и нивните бранители, честото враќање на предметите на повторно судење, пропишувањето кривично гонење за обвинетите, меѓу другото. Друг фактор се недостатоците на обвиненијата. Недостатоците главно се однесуваат на несоодветната квалификација на кривичното дело, недефинираноста на оштетениот и причинетата штета, немањето финансиска експертиза која е директно поврзана со спецификацијата на причинетата штета, како и недостатокот на јасен опис на фактичката состојба.

Сè што е кажано погоре произлегува од немањето соодветен надзор над постапувањето по овие предмети, од страна на Судскиот совет, Советот на обвинителството и Државното обвинителство, и покрај изготвувањето на стратегии за судење на овие предмети во разумен рок.

Како позитивен напор во борбата против организираниот криминал и корупцијата, вреди да се истакнат две од најголемите операции на косовската полиција, познати како „Субвенции“ и „Брезовица“, каде што голем број јавни функционери се осомничени за примање мито и злоупотреба на службената положба. Исто така, антишверцерските акции на северот на Косово, преземени оваа година, резултираа со значителен број апсења и одземање имот. И покрај овие преземени дејствија, недостигот на санкции и ниската казнена политика кон осомничените, како и ниската вредност на имотот што е конфискуван со судска одлука, останува предизвик. Ова главно се должи на недостатокот на ефективен судски надзор и општата слабост во владеењето на правото. Случаите за корупција и понатаму се предмет на повторени поплаки (жалби) и судскиот систем често дозволува случаите да истечат без да постапуваат судовите. Исто така, обвинителите кои воделе случаи на организиран криминал и корупција честопати потфрлиле затоа што поднеле нецелосни обвиненија или правеле процедурални грешки при истрагата на случаите. Затоа, без соодветно решавање на сите недостатоци и предизвици споменати погоре, напредокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал ќе остане минимален.

 

Д-р Арбереша Лоџа е извршен директор и виш научен соработник во GLPS