Секое лето во депониите ширум БиХ пустошат пожари. Смрдеата од градската депонија во Сараево го гуши третина од населението во градот.

Анес Подиќ

Згрижувањето на отпадот во БиХ се сведува на одвезување на ѓубрето од градските улици. Тоа важи како за најсиромашните општини, така и за главниот град. Тоа што илјадници тони отпад, па и оној најсмртоносниот, ќе завршат во природата – а на крај, преку водата и храната, во нашите тела – нема баш никакво значење за актуелните власти, па ни за опозицијата. И така е веќе речиси три децении.

Секое лето во депониите ширум БиХ пустошат пожари. Смрдеата од градската депонија во Сараево го гуши третина од населението во градот.

Секој чад е опасен по здравјето, но продуктите на овие пожари долгорочно ја загадуваат околината.

Во депониите се складира мешан комунален отпад, со чие палење се испуштаат разни токсични гасови, од сулфур-диоксид и саѓи до жива, правејќи го квалитетот на воздухот многу загаден. Особено се опасни соединенијата кои настануваат со палење на пластичен отпад, диоксини и фурани.

Диоксините се нарекуваат трајни органски загадувачи, што значи дека им е потребно многу време – цели децении за да се разградат кога се во животната средина. Многу се токсични и можат да предизвикаат рак, репродуктивни и развојни проблеми, оштетување на имунолошкиот систем, се акумулираат во синџирите на исхрана и се концентрираат во масните ткива на животните.

Драматични се последиците од пожарите на депониите, но на властите во БиХ не им е грижа. Пожарите на депониите обично завршуваат така што на крајот се гаснат сами, а мониторинг за штетните влијанија на таквите пожари практично нема.

И покрај обилната меѓународна помош искажана во пари и во експертско знаење, областа на комунално одлагање на отпадот во БиХ е во целосен неред.

Повеќето општински депонии за комунален отпад се обични ледини. Постојат одлуки на општинските совети со кои се прогласуваат за депонии, а ниту една од одвај нешто подобро уредените т.н. регионални депонии не ги задоволува условите за да може да се нарече санитарна депонија и да не ѝ штети на околината.

Така, во БиХ ниту на делче од територијата не успеа да се реши одлагањето на комуналниот отпад. Бројни се и дивите депонии, кои настануваат пред сѐ онаму каде што е мрзлива, несвесна и неспособна локалната власт – на третина од територијата на БиХ воопшто нема организирано одвезување на овој вид отпад. Населението нема друг избор освен својот отпад да го остава на некоја од бројните диви депонии. Дивите депонии понекогаш настануваат и онаму каде што има одвезување на отпадот, како последица на лошата организација, недоволната инфраструктура и практично непостоечки казнени политики за прекршителите.

Во БиХ не постои ниту една депонија за одложување на опасен отпад. Регулирано е со прописи, но поради недоволниот капацитет на инспекциите, ниските казни, поткупливите цариници и други државни службеници, нема никакви гаранции дека тој отпад нема да заврши на некоја од бројните диви депонии, во шума, на ливада, или во река.

„Триаголник на смртта“ е наречено подрачјето меѓу градовите Неапол и Казерта на југот на Италија, каде што луѓето се присилени да живеат среде ѓубре, да вдишуваат отровна пареа од запалените одложувалишта на отпад и да пијат отровна вода поради илегално одложениот отпад. Сѐ било под контрола на мафијата, со „уредни документи“. Со текот на времето, никнале цели брда отпад. Тука пасела стоката, тука биле изворите на вода, тука си играле деца. Набрзо, необјасниво, луѓето почнале да умираат.

Дали и во БиХ има слично сценарио, па, дури децениии подоцна, ќе дознаеме за смртоносната спрега меѓу локалните криминалци и корумпираните политичари, поради чија заработка сме изложени на токсично влијание од опасниот отпад.

 

Анес Подиќ, основач на „Еко акција“, организација која се занимава со проблеми од екологијата и социјалната правда