Во Северна Македонија нормативно е воспоставен мултикултурно-акомодативен модел од нетериторијален тип, за да се избегне етно-федерализација на земјата.

Д-р Ана Чупеска

Мултикултурализмот е општествен факт, а не посакувана или помалку посакувана политичка дестинација. Имено, не постојат земји во светот чии општества се културно хомогени, но постојат држави кои се стремат кон хомогенизација на културата преку нормативен ексклузивизам и радикални републикански решенија. За среќа, Северна Македонија не е таква држава. Фактот за мултикултурализмот овде е реифициран на ниво на специфичен политички систем. Истовремено, ова не е посебна новина за државата, бидејќи го следи нејзиниот хронолошки развој на државноправниот субјективитет (од Крушевската Република до Преспанскиот договор). Во Северна Македонија нормативно е воспоставен мултикултурно-акомодативен модел од нетериторијален тип, за да се избегне етно-федерализација на земјата.

Но, нормите се едно, фактите се друго, а соживотот е трето. Така е и во Северна Македонија, освен што оваа нормативна гаранција е достојна за пофалба, таа, всушност, пати од сериозни деформации, кои се под влијание на авторитарната политичка култура и на самата македонска општествена хабитуалност. Во прашање се низа проблеми, а тие ротираат околу регрутирањето според системот на етно-споил, што се одвива преку етнички ексклузивни партии според функционерските фотелји (наместо да бидат мериторни); преку квантитативната зависност на уживањето на правата (познатите 20%, што е исто така анахронен став и практика); преку злоупотреба и размена на етничките гласови (а со тоа и делегитимирање на капацитетот за цивилност во етничките групи) и се разбира, постои отсуство на кохезивни инстанци кои би функционирале на општествено ниво. Затоа признаваме дека нормите не се доволни и дека е потребна интеграција на општество кое хабитира во паралелизам. Притоа, не станува збор за укинување на мултикултурализмот, туку за потреба од негово надградување со интеркултурни политики. Имено, важно е да се знае дека интеркултурализмот е политика која не е спротивна на мултикултурализмот, туку нејзин бонус. Во таа смисла, Северна Македонија има шанса да се подобри, преку усвојување на национална стратегија за интеркултурализам. Единствена од ваков вид во Европа, стратегијата има намера да ги надмине ограничувањата на нормативниот мултикултурализам, преку стимулирање на интеркултурализмот и зголемување на меѓу-културниот контакт. Тој нуди силен одговор на етно-корпоративизмот и има капацитет да ја суспендира комодификацијата на етничките гласови. Затоа, важно е тој да се спроведува доследно, онака како што е и замислен. Последица на ваквата доследна примена е токму девалвација на политичките кариери, „етничките професии“, „етничките политичари“ и „кариерните националисти“. А дали ќе биде така зависи од одговорноста на политичките елити денеска!

 

Д-р Ана Чупеска, Факултет за политички науки (Правен факултет „Јустинијан Први“) Скопје, УКИМ

 

 

Прво, со Крушевската република, кога Крушевскиот манифест прави јасна разлика помеѓу отпорот кон османлиската власт и солидарноста со „обичниот народ“, т.н. „Нашите браќа“ – Арнаути, Турци итн.; второ, со АСНОМ, кога првото македонско народно собрание ја прогласи слободата и рамноправноста на сите националности во Македонија (со уставите 46 и 74 се гарантираат и малцинските права во екстензивна смисла); трето, со формирањето на независната македонска држава во 1990-тите, кога уставно го промовира граѓанскиот концепт на соживот; со Охридскиот договор исто така се воспоставува либерален акомодативен мултикултурализам на неколку нормативни нивоа: I. загарантирана застапеност; II. посебни права на групата; III.деликатно консоцијациско решение и иновација за задолжителна примена на редуктивно вето, т.е. „Бадентеровиот принцип“ за сите области од исклучително значење за малцинските заедници, овозможувајќи културна автономија; Конечно, со Преспанскиот договор е пропишана пост-национална формулација на државјанство и граѓански статус (националност: Македонец / државјанин на Република Северна Македонија).