Несомнено е возможно политиката да купи, користи или да побарува хумор, но ова е возможно само со согласност од уметниците кои, напуштајќи ја својата бунтовна природа, се согласуваат да станат конформисти.

Алтин Баша

Историјата на хуморот е нераскинливо поврзана за политиката.

Од легендарните креации на Аристофан до денешните „мемиња“ на социјалните медиуми, односот меѓу хуморот и политиката се чини како врска на љубов и омраза.

„Витезите“ на Аристофан би биле доволни за публиката да ја разбере манипулативната природа на политиката, или филмот на Чаплик „Големиот диктатор“, за да се разберат екстремите до кои може да те доведе делириумот на моќта. Општо земено, сатирата и хуморот се многу ефикасна алатка за уметниците и за општеството да се ослободат од стравот од тиранијата.

Хуморот ја користи политиката како основен материјал. Од друга страна, политиката, познавајќи ја моќта на хуморот, се обидува да го трансформира во алатка за пропаганда или маркетинг.

Но, како се случува овие два продукти на човечката активност, кои на прв поглед делуваат толку некомпатибилни, да флертуваат еден со друг?

Моќта на политиката ти дава можност да владееш со цело општество, но иронично, не може да ја надмине моќта на хуморот и на сатирата.

Затоа политиката го купува хуморот, или го користи насилно, на пример во случаи на диктатура, кога се сатиризираат политичките противници: балистите јадат кокошки, ревизионистите имаат две лица, империјалистите се грди и алчни, сите Кинези се измамници.

Но, не само во диктатура, туку и во демократијата, има случаи кога политички лидери се појавиле на јавни активности со своите имитатори (Џорџ Буш, Барак Обама) и јавно ги прифатиле шегите што хумористите ги прават на нивна сметка. Во нашето локално искуство, на почетокот од демократијата во 90-тите имавме случаи кога хуморист добиваше закани по животот само затоа што го имитирал лидерот, бидејќи во Албанија во 90-тите подбивањето со Сали Бериша се сметаше за општествена бласфемија.

Прагматичните политичари како премиерот Еди Рама, со цел да го амортизираат јавниот удар нанесен од хуморот, се обидуваат да го направат сојузник. Споделувајќи ги и промовирајќи ги шегите на своја сметка, Рама остава впечаток дека, за него, сатирата не е голем проблем и создава илузија дека подбивот со фигурата на премиерот претставува договор меѓу џентлмени.

Несомнено е возможно политиката да купи, користи или да побарува хумор, но ова е возможно само со согласност од уметниците кои, напуштајќи ја својата бунтовна природа, се согласуваат да станат конформисти. Ова почесто се случува во тоталитарни општества, но и во авторитативни демократии. Во последно време, феноменот на комични мемиња стана многу ефикасна сатирична политичка алатка затоа што е многу лаконска. Во ерата на социјални медиуми, комичните мемиња се шират во огромна мера преку интернет и оставаат неверојатен впечаток врз публиката. Тие се модерна верзија на карикатурата, со уникатка карактеристика – не бараат цртачки вештини, туку е доволно да се најдат неколку реченици за фотографијата, и подбивањето е загарантирано. Нивното влијание стана толку важно што политичките противници ангажираат тимови на создавачи на мемиња за да ги искористат нивните моќи еден против друг.

Иако е во понеповолна положба, хуморот има можност да спроведе јавно казнување или извршување на политиката. Има способност да ја издише или деконструира нејзината театарска слика. Честопати, општеството се чувствува неспособно да ја уништи мрежата на интереси, манипулации, корупција и злоупотреба, а хуморот е алатката што уметниците ја користат како одговор во таквите случаи. Општеството ја пронаоѓа одмаздата што му недостига во политичкиот хумор. Како што расправавме погоре, хуморот може да биде деформиран од страна на политиката, но оваа историска битка меѓу нив, исто како и двобојот меѓу Давид и Голијат, на крајот има само еден победник.

 

Алтин Баша (режисер) е педагог за актерско мајсторство на Универзитетот за уметности во Тирана. Тој е еден од основачите на независната театарска сцена во Албанија. Беше основач и го режираше познатото ТВ кабаре „ПОРТОКАЛИ“ цели 17 години. Ова ТВ кабаре е референтна точка за висока политичка сатира во Албанија.