Регионалната соработка треба да ги вклучи граѓаните, треба да им се обрати на граѓаните и тие да бидат ставени во центарот.

Александра Томаниќ

Европскиот фонд за Балканот годинава полни 15 години и ги преживеа сите турбулентни времиња на регионалната соработка. Благодарение на неговите основачи и финансиери кои останаа посветени од самиот почеток, ЕФБ имаше флексибилност да се менува, да биде иновативен, да успее, да се приспособува – сè со цел да го подобри регионалното заедништво.

Гледајќи ги резултатите, бројките се импресивни – 95 поддржани тинк-тенкови, околу 180 поддржани истражувачи, над 50 мисии за застапување, 120 документи за политики, преку 130 поддржани проекти, партнерства кои ја основаа Советодавната група за политики на Балканот во Европа (BiEPAG) и Ангажирана демократска иницијатива (EDI), партнерства кои воспоставија регионална кампања што успеа да допре до милиони граѓани ширум регионот и ја подигна свеста за загадувањето на воздухот, водечки програми кои создадоа една од најважните средства на ЕФБ – речиси 500 алумни во мрежата BeeEFB…

И покрај овие бројки кои се наш организациски успех, гледајќи го регионот што го нарекуваме „наш“, сликата не е толку розова. Регионот на „Западен Балкан“ не се разви во насоката на која сите се надевавме. „Земјите покажуваат јасни елементи на заробување на државата…“, кажано со зборовите на Европската комисија. Кога на национално ниво недостига имплементација на закони, се поништуваат собраниските процедури, одложувањето на избори со години или предвремените избори стануваат нормална појава… како верувавме дека ќе се одржат регионалните ветувања? Дека ќе се исполнат регионалните договори? Државите низ регионот се заробени, а исто така и регионалната соработка.

Главното прашање за регионалната соработка веројатно е – колку навистина сме напреднале во суштина во изминатите децении? По повеќето состаноци на високо ниво, семејната слика беше најконкретен исход од тие состаноци. Во моментов не сме ни сигурни дека овој исход е зачуван. Дури и во чисто економски иницијативи, како што е Заедничкиот регионален пазар (CRM), „напредокот е многу ограничен“. Другите области, кои ги опфаќаат таканаречените болни реформи за националистите и автократите, имаат уште полоши резултати. Дури и иницијативите како заедничките историски книги напишани од десетици истакнати професори по историја од регионот, ваквите проекти (иако историја, но клучни за иднината) беа широко прифатени, но поддршката остана само на зборови, главно пред колегите од ЕУ.

Регионалната соработка пред се треба да им служи на граѓаните од регионот. Штом граѓаните ќе почнат да чувствуваат резултати или придобивки од таа соработка, ќе биде целосно ирелевантно во кој формат се материјализирале овие придобивки. Многу време и енергија отидоа во дискусија за форми, наместо да се испорача суштината.

Регионалната соработка треба да ги вклучи граѓаните, треба да им се обрати на граѓаните и тие да бидат ставени во центарот. Најголем дел од проблемите со кои се соочуваме секојдневно се заеднички за сите граѓани од регионот. Многу проблеми од 21 век можат да се решат само на (барем) регионално ниво – почнувајќи од адаптацијата кон климатските промени, енергетската транзиција, миграцијата… Сите ние треба да бараме проблемите на 21 век да почнат сериозно да се решаваат, наместо да се занимаваме со проблемите на политичките лидери од 19 век поставени пред нас.

Регионалната соработка е алатка. Регионалната солидарност е неопходност.

 

Александра Томаниќ, извршен директор на Европскиот фонд за Балканот