Како резултат на тоа, омаловажувањето на јавната дебата дојде до точка во која преку ноќ можеш да станеш и предавник и херој. Високата поларизација го обесхрабри заземањето јасни позиции за контроверзните теми.

Алберт Красниќи

Во споредба со земјите од регионот, политичките партии во Косово заостануваат во однос на идеолошката артикулација и членството во меѓународните организации на политичките партии. Од десетте политички партии застапени во Собранието на Косово, само една е членка на меѓународни организации (Европски народни партии), додека другите партии се во фаза на аплицирање. Ниската интеграција на политичките партии на Косово во меѓународните организации е последица на неприоритизирањето на идеолошката дефиниција, заедно со историските фактори на појавата и развојот на политичките партии на Косово, кои се поврзани со напорите за ослободување и независност. Во годините по прогласувањето на независноста, со јавниот дискурс на политичката сцена доминира темата за интеграција во Европската унија и дијалогот со Србија за нормализација на односите. И за двете теми, просторот за идеолошки разлики беше тесен. Првата тема повеќе се доживуваше како технички процес за исполнување на критериумите на ЕУ, додека околу втората немаше разлики за конечниот резултат што беше предвиден, туку повеќе разлики имаше во пристапот што го следеа различните партии кои беа на власт.

Друг фактор што влијаеше на немањето идеолошко разјаснување на политичките партии е начинот на кој политичарите ја засноваа изборната кампања да добиваат гласови само во општините од каде што доаѓаат. Овој фокус на географските области имаше за цел да ги искористи семејните и пријателските врски, а не да презентира идеи за тоа како да се владее. Просторот што го оставаше недостатокот на идеолошки дебати беше искористен од популистите, што произведе поларитет во општеството и поттикна остри поделби меѓу „елитите“ и „народот“. Како резултат на тоа, омаловажувањето на јавната дебата дојде до точка во која преку ноќ можеш да станеш и предавник и херој. Високата поларизација го обесхрабри заземањето јасни позиции за контроверзните теми.

Се чини дека неискажувањето ставови се наградува со повеќе гласови отколку заземањето јасен став за контроверзните теми. Ваква беше пресметката на политичките партии околу дебатата за дозволување бракови меѓу ист пол. Иако беа присутни во салата на пленарната седница во Собранието, пратениците на опозициските политички партии не учествуваа на гласањето на Предлогот на Граѓанскиот законик кој предвидуваше соживот меѓу лица од ист пол. За опозицијата „ракувањето со чувствителните прашања припаѓа на парламентарното мнозинство“, а Владата се грижи само да ги има бројките во Собранието за да ја победи опозицијата. Темата за брак меѓу лица од ист пол предизвика поделеност и кај пратениците на парламентарното мнозинство. За еден дел приговорот беше „зачувување на јавниот морал“, а за останатите гаранција за личните слободи. Идеолошки девијации внатре во партиите, но и позиции спротивни на идеолошките определби, се среќаваат и во прашањето за штрајкот на наставниците и јавните функционери на локално ниво. Идеолошкото чудо е што трите десничарски партии во опозицијата се изјаснија за поддршка на барањата на синдикатите, додека единствената левичарска партија во Владата е против нив, дури и во многу построга мера отколку кога десните партии беа на власт.

 

Алберт Красниќи има повеќе од десет години искуство во граѓанскиот сектор во Косово