Она што посебно загрижува се можностите за глобална рецесија, па дури и за стагфлација, кои ќе се одразат на БиХ.

Адмир Чавалиќ

Босанскохерцеговската економија ќе ја дочека зимата во апсолутна неизвесност. Ова е резултат на комбинација од неколку негативни фактори: од Украинската војна, преку енергетската криза, (пост)пандемиската инфлација, па до фактот дека 2022 година е година на избори. Инфлацијата надминува 14%, што претставува рекорд во регионот, или уште полошо, 20% за прехранбените производи. Животниот стандард на граѓаните е значително загрозен, уште од почетокот на годината.

Зимскиот период е посебно проблематичен во контекст на енергенсите и потребата за греење. Како последица на тоа, расте побарувачката за природен гас, струја, нафта и нафтени деривати. Поради слабата вклученост на системите за централно греење, голема е побарувачката за јаглен и пелети за алтернативно греење во повеќето објекти за индивидуално, но и за колективно живеење. Веќе сега имаме висока цена на набројаните енергенси, како и потенцијал за недостиг на некои од нив. Цената на нафтата е рекордно висока и државата не планира да се угледа на земјите од регионот и од ЕУ. Предлогот да се укинат акцизите со кои би се намалила цената до 0.25 евра по литар не е ни ставен на дневен ред во државниот Парламент.

Цената на електричната енергија на почетокот од годината растеше за стопанските субјекти, и тоа преку нови поединечни договори. Федералната влада уште во јануари го органичи растот на цената на овој енергенс на максимално 20% за стопанството. Очекувањата се дека од почетокот на наредната година ќе дојде до промена на овие цени, можеби дури и за физичките лица, а единствено претстојните избори се причината што тоа веќе се нема случено. Кога станува збор за природниот гас, БиХ е апсолутно зависна од Русија. Нема краткорочни алтернативни решенија за потенцијалниот проблем со недостиг или исклучителни цени на дадениот енергенс. Јагленот денеска е тешко за граѓаните да го набават на (не)формалниот пазар и се чека по неколку месеци, а цената е значително повисока во однос на претходните години. Уште подрастично порасна цената на пелетите, за околу 100 евра по тон во рок од една година, што значително ги намалува можностите за енергетска и зелена транзиција во земјата – кон почист воздух, вода и земја.

Она што посебно загрижува се можностите за глобална рецесија, па дури и за стагфлација, кои ќе се одразат на БиХ. Тоа значи неизбежна буџетска криза од последниот квартал од оваа година па во текот на целата наредна. Искуствата зборуваат дека буџетите се планирале „изборно“ т.е. многу великодушно се поддржувало сѐ што може да осигура континуитет на власта, односно изборна победа. По изборите, на почетокот од октомври оваа година, во 2023 година доаѓаат за наплата обврските по основа на издадени обврзници и хартии од вредност, што дополнително ќе ја наруши стабилноста на буџетот. За обичните граѓани тоа ќе означи послаб капацитет на јавните услуги, ниски пензии и плата во јавниот сектор, па сѐ до нефункционален административно-бирократски апарат.

Секако, во низата неизвесности, можно е да се предвиди и алтернативно сценарио, со малку повеќе оптимизам. Истото подразбира завршување на војната во Украина или целосна пазарна адаптација на континуираната војна. Исто така, растот на каматните стапки може да забави и конечно да ја запре инфлацијата, што би довело до пазарен оптимизам. За Босна и Херцеговина, ова значи шанса за зголемување на извозот, раст на вработеноста и евентуално зголемување на платите. Во рок од три години тоа би можело да ја изведе земјата од транзиција и да ја воведе во друштво на земјите со „среден доход“, што за балканските потреби и соништа претставува – добра работа, голем телевизор, два автомобили и годишен одмор на добри морски локации. Сето тоа сѐ уште е далеку од реалноста во БиХ.

 

Адмир Чавалиќ е босанскохерцеговски економист, предавач и директор на Агенцијата за приватизација во Тузланскиот кантон