Токму поради минатото на Босна и Херцеговина и европската дамка, сите релевантни актери на политичката и јавната сцена треба да бидат заедно за да се спротивстават на новите закани.

Адис Дељковиќ

Сликите од тенкови и оклопни возила, артилериски напади врз цивилни повеќекатници, плач на деца во прегратките на исплашените мајки во подрумските простории, колони бегалци, се чини дека никого не можат посилно да го потресат надвор од Украина од оние кои тоа го доживеале и преживеале, како жителите на Босна и Херцеговина во почетокот на 90-тите години.

Набрзо по руската инвазија врз Украина станува јасно дека на сцена стапува кршење на меѓународните конвенции, хуманитарните правила и закони на Обединетите нации, погазени безброј пати и на босанско тло.

Сличната увертира која им претходеше на случувањата во Украина е неумолив потсетник на едно време кое никогаш нема да падне во заборав.

Изненадувањето на жителите и неверувањето по почетокот на нападите тој 24 февруари, иако за тоа се зборуваше со месеци, па дури и се најавуваше, личеа на онаа запрепастеност која се читаше на лицата на жителите на Сараево во мај 1992 години, речиси 30 години порано во срцето на таа иста Европа.

Денеска, најмногу поради тоа разбирање и сфаќање на ситуацијата во која се најдоа Украинците, во БиХ постои изразена солидарност, која ненадејно е засенета од стравувањето дека војната која беснее на истокот од Европа нема да остане ограничена само во тој регион.

Премногу се болни овде раните и 30 години подоцна, за случувањата во Украина да ги набљудуваат со исти очи и оние во Париз, Лондон или Виена…

Несогласувањата на домашната политичка сцена во БиХ речиси дојдоа до точка на усвитеност, па руската инвазија на Украина дополнително ги подгреа старите стравови дека нејзиниот народ може повторно да ја плати цената на наивноста, верувајќи во најавите за поддршка од претставниците на меѓународната заедница, кои на крајот се покажаа како празни ветувања.

Повторно на сцена стапија приказните за поделби, класификации и позиционирања, приказни кои овде ретко кога завршувале добро. Никој не сака да слуша кога се вели дека ефектите од оваа војна во нејзините наредни фази ќе играат улога во геополитичките промени и структурата на меѓународните односи, но пред сè врз иднината на Европа.

А за Босна и Херцеговина Европската унија и евроатлантскиот правец се во преден план, во време кога е повеќе од јасно дека има и такви кои се подготвени да поддржат оддалечување на една независна земја од нејзината цел.

Војната во Украина не смее да ги поколеба аспирациите на слободните држави и нејзините жители. Затоа, Европа треба итно да ги засили своите активности за процесот на проширување на Унијата.

Токму поради минатото на Босна и Херцеговина и европската дамка, сите релевантни актери на политичката и јавната сцена треба да бидат заедно за да се спротивстават на новите закани.

Многумина од оние кои доведоа до војната во БиХ, поради што погледот на настаните во Украина е поинаков, во моментов лежат во своите зандани.

Дали тие процесуирања пред меѓународните судови на правдата можат да бидат предупредување за оние кои напаѓаат во Мариупол, Харков, Одеса, Киев…?

Покрај осудите, санкциите и приемот на бегалците, потребна е и порешителна реакција од ЕУ, која не така одамна падна на испитот во БиХ.

Затоа што оваа земја, можеби повеќе од која било друга на европско тло, сака што поскоро да заврши оваа страшна приказна, која овојпат се случува во 21 век, пред очите на Европа и светот, како и стравовите кои неизбежно се будат на Балканот кога ѕвецкањето на оружјето се претвора во крвав поход.

 

Адис Дељковиќ, уредник на редакцијата за надворешна политика на БХТ1 и уредник и водител на седмичната емисија „Глобал“