Современите жени треба да имаат разбирање за шлаканица, вели судијата.

А што велиме ние?

Не си го барав!!!

Џенана Алаџуз

Во август 2018 година, возрасен маж запрел единаесетгодишно девојче, сосетка, кое се враќало дома со велосипед. „Ѝ мавтал со раката да застане, па кога застанала, ја фатил за нејзината десна рака зборувајќи ѝ дека ја сака, а потоа почнал да ја бакнува и прегрнува по вратот и да ја влечка во правец на гробиштата што се наоѓале во непосредна близина…“

Постапката беше затворена без судење и без можност за оштетената да сведочи во постапката.

Во јануари 2021 година се одржа рочиштето за Бранислав Станивуковиќ (44), обвинет за свирепо убиство на невенчаната сопруга Милица Маринковиќ (33) во јули минатата година, која ја полил со бензин и ја запалил. Маринковиќ починала по неколку дена како последица од тешките изгореници. За карактерот на Станивуковиќ во судницата сведочеше и неговата поранешна сопруга, која раскажа дека „не беше насилен“, но потврди дека понекогаш „знаеше да ми врзе шлаканица“.

Судијата и член на Судскиот совет, Милан Благојевиќ, на тоа прокоментира дека „современите жени немаат разбирање за шлаканица“.

Претходно опишаните ситуации не се плод на фикција од авторката, туку реалност на босанскохерцеговската смисла и стил за правда, која, многу често, делува во корист на насилникот наместо на жртвата.

Затоа не треба да нѐ чудат последните податоци кои зборуваат дека секоја петта жена во Босна и Херцеговина искусила некаков облик на насилство од својот партнер, а само 5.5% од нив побарале помош од надлежните институции.

До јануари 2021 година и јавното сведочење на белградската актерка Милена Радуловиќ, јавноста во БиХ беше запознаена само со една пријава за сексуално вознемирување на факултетите во БиХ, која се случила пред 13 години!

Сексуалното вознемирување / напаствување е еден од најчестите облици на сексуално насилство, кое најлесно се толерира и за кое повеќето законодавства немаат механизам за санкционирање. А ние како девојки и жени не сме научени да ги препознаеме несаканите сексуални забелешки и вербални предлози.

Во деловната култура многу често можеме да слушнеме:

„Мора мажот да ве усреќил ноќеска кога така блескате. Како би било да се обидам и јас така да ве усреќам!“ Или да трпиме несоодветно внимание: „Најчесто ми приоѓа така што ќе ме напика до ѕид, па не можам да се извлечам.“

За среќа, актерката Милена Радуловиќ прозборе во име на сите злоставувани жени и стана херојка на балканското #metoo движење.

По истапувањето на оваа млада актерка почнаа да се јавуваат и други жени, не само од актерката бранша, кои своите професори, режисери, директори и колеги ги обвинуваат за силување или за сексуално злоставување.

Да, денеска го живееме балканското #metoo движење. Токму сега имаме прилика да сфатиме дека сексуалното насилство не е нешто што се случува „само на други“ или на „филмовите“, туку дека тоа, за жал, претставува секојдневие за стотици и стотици девојки и жени.

Затоа не е ни чудо што фејсбук-страната „Нисам тражила“ (Не си го барав) само во првите пет дена од постоењето доби преку 33 илјади следбеници и објави стотици исповеди за искуствата на жени во врска со сексуалното злоставување и вознемирување, и така стана платформа, благодарение на која ниту една жена нема да остане без можност да сведочи за насилството врз неа.

Нека биде мантра за 2021 и за сите години што следат: „Не си го барав!“

 

Џенана Алаџуз е основач и ректорка на Асоцијацијата за унапредување на информациските науки INFOHOUSE. Во текот на кариерата се занимавала со новинарство во бројни босанскохерцеговски медиуми.