Проектот „Опкружување“ ги сруши тие граници, воспостави комуникација на поширок план, овозможи слободен проток на информации, слободно изразување на знаењето, умеењето, достигнувањата, експертизмот.

 Џевдет Тузлиќ

 Уште додека бев мал, од авлијата гледав во правец на кулата на средновековниот благородник Хрвоје Вукчиќ Хрватиниќ и се прашував што има зад неа. Некоја бездна, шума, ливада…?

Па, како извидник, а подоцна и како планинар на голем број пешачки рути, секогаш се прашував што има зад брдото. Ќе се искачев и одушевено ќе гледав пејзажи на шуми, долини, рамнини. Но, повторно ново брдо. Нов предизвик. Пространство, хоризонт. Никаде крај.

Па го гледав небото. И таму бескрај. Го гледав морето. И таму бескрај од морско синило.
Како новинар на радио, најголемо задоволство чувствував во моментите кога во емисија ќе се јавеа слушатели од што пошироко опкружување, што повеќе оддалечени од Сараево, таму од Шабац, Макарска, Осијек, Бачка Топола, Пријепоље, Плевља…

Третирав теми од сите четири страни на светот, за на едно место да ја соберам целата убавина на светот. Во просторите на културата неа секогаш ја имаше во изобилство.

А потоа дојде војната и ги скрати далечините. Новата геополитичка стварност произведе чудни присвојувања, самодоволност, исклучивост…

Не сакам да прифатам, не сакам да се вклопувам во скратени хоризонти!!!

Ни како човек, ни како новинар.

За ова второто во голема мера ми помогна фактот дека работев за некои светски медиуми.

Но, душата е поделена и распната. Како и малата земја во која сум роден. Составена е од два ентитети. Роден во едниот, живеам во другиот. А политичката реалност…? Таа ги оддалечува тие две половини од таа мала земја, ги спротивставува, им влева омраза, па станаа „пооддалечени“ од Јужниот и Северниот Пол. Моето непосредно опкружување е едноставно разбиено од политиката. И се прави сѐ за двете половини од босанскохерцеговскиот простор да останат што пооддалечени.

Прозивања, обвинувања, создавање на атмосфера на вина која секогаш лежи кај оние другите, релативизација на вината, претворање на злосторството во херојство, величење и на она од што нормалниот свет длабоко се срами и бара начини да се покае, да се извини, да побара прошка. Кога некој би се обидел такво нешто, би бил предавник на сопствениот народ.

Рамнотежата на страв, во земјата во која војната заврши без победник, е оружје во служба на политиката. Се ѕвечка со запаливи реченици кои мирисаат на предвечерје на војна, се закануваат со сецесија, се шири страв.

А бедата, скапотијата и поразителната слика во сферата на образованието паѓаат во сенка на темите набиени со национализам, закани и обвинувања кон оној другиот, по правило со друг национален предзнак.

Во земја во која системски се создава атмосфера на „резервни татковини“ и каде не се навива за успесите на своите национални репрезентации, во земја во која некои филмови и театарски претстави полесно ги минуваат државните граници одошто меѓуентитетската линија… навистина е тешко да се опстане.

Затоа и не изненадуваат стотиците илјади млади луѓе кои својата среќа ја бараат на некое подобро место и во подобро опкружување.

Па за мене, лично, учеството во проектот „Опкружување“ претставуваше лек за мојата страшна рана. Но и за многумина кои учествуваа во проектот, кои пишуваа текстови и зборуваа пред камера на разни теми. Затоа што не е мал бројот на оние за кои босанскохерцеговската реалност претставува голема мака, стега, обрач, барикада. Овој проект ги сруши тие граници, воспостави комуникација на поширок план, овозможи слободен проток на информации, слободно изразување на знаењето, умеењето, достигнувањата, експертизмот. Ги отвори хоризонтите, кои се простори на надежта за човечките судбини што се стремат кон свет без граници.

 

Џевдет Тузлиќ, босанскохерцеговски новинар со повеќедецениско искуство во радио, телевизија и печатени медиуми