Поради отежнатото финансирање ке слабее обемот и квалитетот на важниот контент, редакциите ке губат луѓе поради неможноста да се обезбедат квалитетни плати, новинарите ке „бајпасираат„ со тоа што ке си прават свои портали и ке се закачат на платниот список на агенциите, компаниите, политичките партии како инфлуенсери.

Љупчо Зиков

Заклучоците за тоа, што е тоа независност на медиуми денес, се производ и анализата на целиот „океан„ од се она што денес сметаме за медиуми воопшто: класични медиуми (телевизија, весници, радио), потоа интернет медиуми – веб страници, портали, интернет видео, подкасти, па се до сегментот што најверојатно ја прави и најголемата деструкција и дисторзија во таканаречениот медиумски простор, а тоа се социјалните мрежи на кои се налепени и сите останати медиуми што ги набројав претходно, но она што е веројатно проблем овде, е што за медиуми претендираат и гласила (физички лица или агентури) на компании, разни организации владини и невладини, политички партии, па се до конкретни физички лица (специјално платени) модерно наречени инфлуенсери …

Сите нешто пишуваат, сите станаа важни, ексклузивни … или како што еден мој пријател од Србија неодамна ми кажа … Брате сви нешто инфлуеншишу, и то се данас зове новинарство и медије …

Директната последица на оваа инфлација од контент е намалениот квалитет на содржините што се читаат или гледаат. На социјалните мрежи се судираме со многу содржина! Нема креативна уредувачка политика, нема креативност во текстовите! Портал правите за три дена, не ви се потребни нешто специјално обучени новинари, можете дури и сами од кујна да постирате текстови!?!

Сведоци сме на драматично поевтинување на новинарскиот производ. Дојде до релативизација на значењето и влијанието на медиумите онакви какви што ги знаевме до пред седум до десет години.

Дојде такво време да еден просечен политичар може да организира буџет за финансирање на три портали и два до три инфлуенсери на фејзбук и да стане многу важен и вирален и читан (иако не и релевантен) во јавниот простор! Во тој јавен простор сместен во нашите телефони се судираат разни манипулации, шпекулации, политички и бизнис инсинуации … корпоративни текстови, покани за настани и курсеви за учење, политички и партиски прогласи, вицеви и зезања … И се тоа одеднаш како контент ние го консумираме по 3 до 5 часа на ден преку социјалните мрежи.

Оттука, денес во голема мерка новинарството и медиумите се искомпромитирани, и затоа медиумите, особено класичните какви што ги знаеме на краток и среден рок имаат проблем со одржливоста. На долг рок ке преживеат оние медиуми кои ке се трансформираат и квалитетно ке влезат во фазата на тотална дигитализација. При тоа да задржат квалитетна продукција на контент, препознатливост на брендот и квалитетна и одржлива уредувачка политика (карактерот на медиумот). Но сево ова на долг рок. Зошто?

Компаниите како најголеми огласувачи во моментов се повеке сакаат да избегаат од зоната на класични медиуми (некои телевизии сеуште држат добро) и да прибегнат кон оној евтин маркетинг … Оглас оди на некој портал, а порталот оди на фејзбук и натаму е познато, во втора варијанта огласот и кампањата одат на агенција, а таа го прави истото.

Сето ова е драматично поевтино за компанијата која огласува од порано. Но, јас би додал дека тоа е неквалитетен оглас за компанијата затоа што компанијата огласувач го губи фокусот на својот оглас и што е поважно вниманието од страна на медиумот.

Моментот е таков да приходите кај класичните медиумите во голема мерка паѓаат во последните години, а приходите кај дигиталните медиуми не растат брзо … Ваквата финансиска матрица ја прави трансформацијата на медиумите тешка и многу неизвесна, и затоа не предвидувам добри денови за медиумите на краток рок. Поради отежнатото финансирање ке слабее обемот и квалитетот на важниот контент, редакциите ке губат луѓе поради неможноста да се обезбедат квалитетни плати, новинарите ке „бајпасираат„ со тоа што ке си прават свои портали и ке се закачат на платниот список на агенциите, компаниите, политичките партии како инфлуенсери. Но, и таму нема место за сите.

Новинарството се претвора во гола пропаганда (евтино платена).

Заклучок: во вакви услови намалува независноста на медиумите, а во голем број случаи нема независност.

Значи ова е магичниот круг …

Како да излеземе од него?

Единствено со силна дигитална трансформација! Но, паралелно на тоа инвестирање и градење на кредибилитет и силни медиумски брендови! Гледаме дека на светско ниво најголемите медиумски брендови во последните 20 до 30 години не пропаднаа (или пропаднаа мал дел). Тие го задржаа карактерот и кредибилноста, уште и ги засилија спствените брендови преку засилена дигитализација. Инвестирањето во квалитетна соджина во светот денеска е всушност главната мантра во опстанокот на медиумите.

 

Љупчо Зиков, основач на „Капитал Медиа Груп“