Дваесет и две години подоцна, на Косово сè уште му недостасува национална стратегија за справување со минатото. Таква стратегија не постои првенствено поради недостаток на политичка волја, но и поради недостаток на вистинско ангажирање на националните и меѓународните актери.

Јована Радосављевиќ

Од 1999 година, пристапот кон соочувањето со минатото на Косово е недоследен и несоодветен. Воените злосторства ги судеа меѓународните судови (МКТЈ), меѓународните институции (УНМИК и ЕУЛЕКС) и националните судови. Додека правдата за воените злосторства е важна, со фокусирањето на ваквите судења е занемарено сериозното вложување во средства за унапредување на соживот и помирување.

Досегашните напори на Косово да постигне помирување не ги дадоа очекуваните резултати, особено затоа што немаше сериозен политички интерес, ниту инвестиции, како и поради недостаток на конкретно и валидно разбирање за механизмите клучни за помирувањето. Иницијативите на тема преодна правда на Косово се одвиваа паралелно и страдаа од недостаток на координација, политизација и персонализација од страна на политичките лидери и не успеаја да обезбедат соодветно претставување и вклучување на погодените заедници (жртви на конфликт и преживеани).

Покрај иницијативите во врска со правото на правда, вклучително и Специјализираниот совет на Косово, во Косово беше покрената иницијатива поврзана со правото на вистината, која во 2017 година ја покрена тогашниот косовски претседател Хашим Тачи, најавувајќи формирање на Комисија за вистина и помирување. Во меѓувреме, беше формиран подготвителен тим, составен од претставници на граѓанското општество и претставници на владата, чија основна улога беше изготвување на Нормативен акт на Комисијата во согласност со наодите добиени преку јавни консултации со засегнатите страни. Мандатот на подготвителниот тим заврши во октомври 2020 година без формирање на Комисијата за вистина и помирување, ниту, пак, некогаш е одлучено на кој начин би се формирала оваа комисија, дали во Собранието на Косово – како закон, или како декрет на претседателот. Мојот личен став, како поранешни членови на подготвителниот тим, позицијата на граѓанското општество и испитаниците (66%) во истражувањето на јавното мислење спроведено од организацијата Интегра во 2019 година, е дека Комисијата за вистината и помирувањето треба да се формира во Собранието.

Проблемот со ваквите иницијативи на Косово е што сите иницијативи зависат од иницијаторот, а кога таа личност ќе ја напушти својата политичка позиција, иницијативата исто така завршува. Во овој случај, мандатот на подготвителниот тим заврши во октомври 2020 година и не беше обновен поради очекување на првите обвиненија на Специјалното обвинителство, од кои некои би можеле да завршат и на адреса на Тачи. Набргу по истекот на мандатот на подготвителниот тим, авион со обвинети за воени злосторства полета кон Хаг. Во него беа Хашим Тачи, обвинет за злосторства против Албанци, Срби и Роми во Косово и Албанија, 1998-1999 година, Кадри Весељи и Реџеп Сељими.

Прашањето е колку слух за Комисијата за вистина и за помирување ќе има идната влада околу Албин Курти, која симболизира раскрстување со военото крило и политичарите кои произлегоа од ОВК. Затоа е важно оваа комисија да биде формирана преку закон, во Собранието, со цел да се обезбеди поширок политички и социјален легитимитет, особено од страна на погодените и немнозинските заедници.

Комисијата за вистина и помирување на Косово, доколку некогаш се формира, би била еден дел од целокупната национална стратегија за соочување со минатото. Она што е позитивен чекор е дека Одделот за преодна правда, во рамките на Министерството за правда на Косово, во соработка со граѓанското општество, работи напорно за да започне процес на изготвување на оваа стратегија, која треба да ги стави жртвите и преживеаните во својот центар.

 

Јована Радосављевиќ е извршна директорка на Новата социјална иницијатива, организација на граѓанското општество од Северна Митровица, поранешна членка на Подготвителниот тим за Комисијата за вистина и помирување на Косово.