Она што е несомнено на овој долг и болен пат е дека Црна Гора мора да престане да се заробува самата себе што е можно побрзо.

Јована Маровиќ

Црна Гора е на чело на земјите кои сакаат да станат членки на Европската унија. Во 2012 година, државата започна преговори за членство, ги отвори сите поглавја за преговори и исполни барем некои услови поврзани со усвојувањето на потребното законодавство и градење на капацитетите во секој од нив.

Во мај минатата година, Црна Гора ја прифати новата методологија за проширување на Европската комисија, иако за неа не беше обврзувачка, и на тој начин изрази подготвеност да преговара под построги услови, што практично значи дека фингирањето на реформите би требало да е веќе зад нас. Покрај тоа, по минатогодишните избори во август и промените што следеа, за првпат по повеќе од 30 години, Црна Гора има влада во која нема да учествува истата партија како и на сите претходни, што, барем на хартија, би требало да значи дека сме го надминале и „недостатокот на политичка волја“.

Според последното истражување на агенцијата Де Факто, 75% од граѓанките и граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ, а за ова прашање постои консензус и меѓу политичките партии. Оптимизмот може да го прочитаме и во изјавите на претставниците на новата Влада, а Црна Гора подготвува и сеопфатна стратегија за исполнување на најважните обврски од преговарачкиот процес.

Зошто тогаш сè уште има огромен прашалник на крајот од сите проекции кога Црна Гора би можела да го направи потребното отстапување од недемократската пракса и силно да ги прифати европските вредности, кои, според напишаното во основачките договори на ЕУ, гласат: човечко достоинство, слобода , демократија, еднаквост, владеење на правото, човекови и малцински права?

Реформите спроведени од државата за усвојување на овие вредности се бавни и болни, најмногу затоа што демократијата во оваа област не наоѓа плодна почва, со оглед на тоа што државите го немаат потребното „демократско искуство“ ниту по повеќе од 30 години од воспоставувањето на повеќепартискиот систем.

Промената на власта не значи автоматска и суштинска трансформација на државата и општеството и грешките на претходниците не смеат да се повторуваат. Градењето институции што ќе гарантираат еднакви права за сите без дискриминација е вистински предизвик во Црна Гора, особено со оглед на состојбата во судството и се уште силното политичко влијание на претходната долгогодишна владејачка партија врз овој огранок на власта. Во исто време, Црна Гора е мала земја со нешто повеќе од 600.000 жители и не е лесна задача да се застане на патот на клиентелизмот и непотизмот. Иако се во кабинетот само четири месеци, претставниците на новата влада веќе покажаа дека не се имуни на овие болки и дека еднаквите права за сите ќе останат уште долго само фраза во изјавите на политичарите.

Граѓанките и граѓаните не го разбираат доволно процесот на интеграција и усвојување на вредностите, ниту самите поими како што е владеењето на правото. Во исто време, не се доволно активни во контролирањето на работата на администрацијата. Според податоците на мрежата Политикон, 88% од граѓаните никогаш не испратиле барање за слободен пристап до информации.

Конечно, слабата култура на владеење на правото е проблем што не може да се реши преку ноќ и итно е потребна долгорочна стратегија. Можеби е потребно оваа стратегија да започне од разбирање што се сменило во средината каде што моралните закони управувале со правилата на однесување стотици години наназад.

Од сите овие причини, тешко е да се предвиди кога Црна Гора ќе може да се пофали со заложба за вистинско прифаќање на европските вредности, додека, во исто време, членството во ЕУ е на „стаклени нозе“ и затоа што и самата стратегија на Унијата кон Западен Балкан во моментов е нејасна и неконзистентна. Она што е несомнено е дека Црна Гора мора да престане да се заробува самата себе што е можно побрзо.

 

Јована Маровиќ е извршен директор на невладината организација Политикон мрежа, истражувачки центар со седиште во Подгорица, и членка на Советодавната група Балкан во Европа (BiEPAG).