Кредитната задолженост не експлодираше, банките играа внимателно, за клиентот да не се најде во некоја ненаплатлива ситуација.

 Чедомир Савковиќ

Задолженоста на граѓаните во Србија е во пораст, но тоа сѐ уште не е алармантно, ги толкуваат експертите последните податоци од Здружението на банки во Србија (ЗБС). За месец дена, од крајот на јуни до крајот на јули, задолженоста пораснала за 114 милиони евра, од 10,705 на 10,819 милијарди евра. Во споредба со истиот период минатата година, скокнала за 1,14 милијарди евра.

Граѓаните на Србија на банките им должат по основа на готовински, потрошувачки, станбени и земјоделски кредити, наведува ЗБС.

Интересно е дека бројот на кредитни картички со задоцнета уплата кои ги користат граѓани исто така се зголемил во последната година, за околу седум илјади (од 51.687 на 58.954).

Просечниот долг за потрошувачки кредити, според податоците на УБС, изнесува 123.000 динари, или околу 1.000 евра. На ова треба да се додаде учеството на населението во други заеми од околу 500 евра. Овие податоци се добиваат кога износот на долгот се дели со бројот на жители.

Душан Узелац, финансиски консултант и уредник на порталот „Каматица“, вели дека граѓаните на Србија сѐ уште не се премногу задолжени, бидејќи Народната банка на Србија (НБС) спроведувала строга регулатива за задолжување, која беше во сила долго време.

Тој вели дека автономијата на банките, кога самите одлучуваат кому даваат заеми, може да биде „меч со две острици“, бидејќи некои прифаќаат клиенти кои можеби нема да можат да ги отплатат кредитите.

„Кредитната задолженост не експлодираше, банките играа внимателно, за клиентот да не се најде во некоја ненаплатлива ситуација“, потсетува Узелац.

Според нашиот соговорник, ова задолжување не е тренд, туку актуелен момент:

„Овие статистики имаат вградена грешка од периодот на мораториум на заеми (државна мерка во времето на пандемијата). Во суштина, сите оние заеми што требаше да се отплатат до крајот беа пролонгирани, многумина повторно се задолжија. Од таа причина имаме појава на зголемено задолжување“.

Узелац напоменува дека е тешко да се прават споредби меѓу Србија и Европа во однос на задолжувањето на граѓаните. Тој нагласува дека евро кредитите во Србија се доста избалансирани со европските цени на кредити:

„Лесно е банките да добијат пари. Од таа причина, не даваат никаква камата за заштедите на граѓаните, но каматите на кредитите се ниски“.

Како пример за таканаречената глобализација на банкарството, според која сите ја делат истата судбина, Узелац ги наведува Хрватска и Србија, две земји во кои учеството на станбените заеми е исто и изнесува околу три проценти:

„Имате многу ефикасен проток на капитал и пари. Она што е специфично за нас е дека ние не сме членка на еврозоната. Повторно имаме поволни кредити и тоа е резултат на зголемената доверба во Србија. Секаде каде што има капитал, цената на парите се пресметува во однос на ризичноста на пласманот во опкружувањето“.

Инвестирањето во Србија во смисла на ризикот и стабилноста е на ниво на инвестиции во еврозоната, а според Узелац, таа пресметка е во позадина на приказната за каматите.

Тој вели дека малите бизниси доминантно ја финансираат ликвидноста и врзуваат крај со крај, поради неповолната ситуација на пазарот.

„Средните и големите помудро се задолжуваат за деловни активности што ќе генерираат приход и профит“, вели уредникот на „Каматица“.

Учеството на граѓаните во задоцнета отплата на кредитот сега изнесува околу 2,5% и е пониско од порано, бидејќи од 2015 година, кога изнесуваше 7,3%, бележеше постојан пад.

 

Чедомир Савковиќ, новинар на Нова економија