Има многу примери каде истакнати спортисти позитивно влијаеле на подобрувањето на меѓудржавните односи, особено меѓу земјите од Западен Балкан.

Фахредин Дураку

Успехот на спортистот игра голема улога во едно здраво општество. Спортистот со одлични перформанси на меѓународни натпревари би можел да служи како амбасадор на земјата во странство. Вреди да се споменат неодамнешните успеси кои ги постигна Мајлинда Кељменди, светска шампионка во џудо, која достоинствено ја претставуваше нашата земја во различни земји во светот каде што се натпреваруваше. Исто така, благодарение на одличните резултати на косовската репрезентација во фудбал, успеавме да ја претставуваме нашата земја во квалификациите за Европското и за Светското првенство.

Спортот се смета и за јазик сам по себе, бидејќи често знаел да им помогне на партиите да соработуваат и да не ги гледаат разликите, факт што политиката постојано се грижи да го потенцира. Има многу примери каде истакнати спортисти позитивно влијаеле на подобрувањето на меѓудржавните односи, особено меѓу земјите од Западен Балкан. Заеднички именител треба да биде професионалноста на спортот, без разлика на етничката припадност, верата или традицијата. Без скромност, како поранешен фудбалер во дел од фудбалските клубови од поранешна Југославија и како играч на репрезентацијата на поранешна Југославија, се запознавав со многу играчи од различни националности од поранешна Југославија и имавме многу голема почит едни за други. Искреното пријателство продолжи и по завршувањето на нашите фудбалски кариери, одржуваме контакт и ја уживаме истата почит како во минатото.

Вреди да се нагласи неопходноста спортистот да не стане плен на политички влијанија, кои во голема мера само му штетат на развојот на вистинскиот спортист. За ова прашање, медиумите имаат обврска да пишуваат и со тоа да се борат против вакви негативни појави кои го маргинализираат профилот на спортист. Ако се вратиме наназад, за време на НАТО бомбардирањето на Србија, двајца големи реномирани европски играчи (фудбалерот Синиша Михајловиќ, кој во тоа време играше за тимот на Лацио од Рим, и фудбалерот Предраг Мијатовиќ, кој во тоа време играше за тимот на Реал Мадрид), одлучија, во знак на протест поради бомбардирањето на НАТО, да ги бојкотираат натпреварите од првенствата. За оваа нивна постапка беа казнети од дисциплинската комисија на екипите бидејќи дозволија политичкото влијание да се префрли во спортот. Згора на тоа, покрај казните од дисциплинската комисија, двајцата играчи беа критикувани и од соиграчите за покажаната непрофесионалност и погрешното однесување како резултат на политиката.

Како заклучок, вистинскиот спорт, покрај тоа што е страст и забава и за играчите и за гледачите, создава и здрави односи меѓу многу странски земји. За среќа, нашата земја бележи задоволителни резултати во различни спортови, што позитивно се одразува и на меѓународната сцена. Како поранешен фудбалер кој има играно за неколку фудбалски тимови во поранешна Југославија, Германија и Турција, сè уште имам добри контакти со многу поранешни фудбалери и тренери од различни етникуми. Овие пријателства, создадени пред многу години, продолжуваат и денеска, бидејќи доаѓаат како резултат на спортската култура, култура која треба да се цени и да се пренесе на спортистите од помладите генерации.

 

Фахредин Дураку, поранешен фудбалер и лиценциран тренер