За историјата само трошка време, а за сведоците на војната секој ден беше како година. Мир е, но војната како да е и понатаму во нашите глави. Како да продолжува по мирен пат, преку запаливата реторика на политичарите. Соочувањето со темните страници на минатото е знак на херојство и човечност, а сеќавањата на неделата, без разлика кој ги направил, треба да се негуваат.

: Зијад Шехиќ

Кога и да има некаков јубилеј или годишнина поврзани со важни историски настани, ме преплавуваат измешани чувства. Па со фактографијата која е суштина на историјата, ме полазуваат и морници од емоции.

Градот во кој живеам е преполн со историја. Овде почна Првата светска војна. Овој месец го славиме датумот кога е склучен мир во таа војна. Пред повеќе од еден век. Се одбележуваат и 25 години од париско-дејтонскиот Мировен договор со кој беше ставен крај на војната во Босна и Херцеговина. За историјата само трошка време, а за сведоците на војната секој ден беше како година. Мир е, но војната како да е и понатаму во нашите глави. Како да продолжува по мирен пат, преку запаливата реторика на политичарите.

И што останува по војните?

Тажни сеќавања, пребројување на ранетите и на убиените, срушени културно-историски, верски и цивилни објекти. Потоа општеството почнува да се исправува, срушеното да се обновува. Почнуваат да се градат споменици, како трајно сеќавање на тие случувања.

Најтажниот „споменик“ на бруталното минато во овој регион секако е Мезаре во Поточари кај Сребреница и страдањето на преку 8.000 Бошњаци, за што Меѓународниот суд пресуди дека е геноцид.

Се одбележуваат страдања и на други места. И само една недолжна жртва заслужува споменик.

Деновиве во центарот на вниманието на јавноста се најде изградбата на споменикот на настраданите Срби во Сараево. Како обележје на нечовечното однесување на војниците над недолжните цивили. Не изостанаа ни полемичките тонови, а ни политичките конотации. Затоа што е предизборен период.

Еден мој колега, историчар, одлучно поддржува подигнување на споменици. Затоа што соочувањето со темните страници на минатото е знак на херојство и човечност, а сеќавањата на неделата, без разлика кој ги направил, треба да се негуваат, за жртвите, макар и симболично, да станат дел од трајните сеќавања.

А сеќавањата никој не може да ни ги одземе. Па како и секој ноември, се присетувам на Декретот за завршување на Првата светска војна, во француското гратче Компјењ, на 11.11.1918 година. Останаа и споменици.

Меѓу страдалниците во Големата војна имало и голем број од Босна и Херцеговина, која била непосредно воено подрачје. Биле мобилизирани 291.498 регрути или 16,2% од населението, биле формирани по осум пешадиски полкови и ловечки баталјони. Биле ангажирани и во рамките на други единици од заедничката војска на австро-унгарската монархија во воени операции на Балканскиот фронт.

Освен маки и неволји, настрадале 38.000 војници од Босна, особено на Италијанскиот фронт, војната носела и воени успеси и награди за истакнатите војници и офицери.

Со златен медал за храброст биле одликувани 146 војници, босанскохерцеговските пешадиски полкови и баталјони добиле 35.637 медали за храброст, а полковникот Гојкомир Глоговац е одликуван со орденот „Марија Терезија“, со благородничка титула барон и е прогласен за прв босански витез.

На нивниот придонес и храброст денеска потсетуваат две спомен-плочи и еден споменик.

Во центарот на Грац, во знак на сеќавање на битката на Монте Мелети, во Виена, во Воено-историскиот музеј, каде што се наоѓа спомен-плоча на првиот босанскохерцеговски полк, а исто така и кај Бовец во Словенија, среде војничките гробишта се наоѓа споменик на кој се исклесани царски стрелец и босанскохерцеговски војник.

Спомениците се неми сведоци на минатото, на храброста, но потсетуваат и на гладот, на жедта, на студенилото, на болестите, на најразлични страдања…

Дали се доволен артефакт за болката во душата? Можат ли да ги надоместат сите тегоби кои ги нанела војната!?

Можат ли да бидат барем опомена, да нема веќе војни? Реалноста да ни биде насмевката и среќата на поединецот, а не обид за исправување на грешките и последиците од војната.

Тогаш нема да ни биде потребна ниту меѓународна дипломатија за да нѐ смирува и да нѐ

собира на мировни конференции.

Тогаш веќе нема да испраќаме драги пријатели и сопствените деца на пат во далечни земји, „да заработат за леб“.

Ќе пишуваме и ќе живееме некоја поинаква и поубава историја.

 

Проф. д-р Зијад Шехиќ е редовен професор на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево и е претседател на Советот за докторски студии на Катедрата по историја. Член е на Комисијата за историја на југоисточна Европа на фондацијата „Про Ориенте“ од Виена.