Едвај 1% од Македонците ги сметаат Бугарите за пријателски народ, а 80% од Бугарите посакуваат бугарската влада да стави вето на почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Прашањето околу македонско-бугарските односи полека преминува од ниво на конфликт меѓу елитите на ниво на конфликт меѓу два народа. Политичките аналитичари сметаат дека моменталната ситуација ја доведува во прашање и европската перспективата на Балканот.

Пишува:Петар Тодоров

Историјата, поточно спорот во врска со „историската  вистина“ повторно е главна тема во односите меѓу Македонија и Бугарија. Нејзините историчари и политичари веќе повеќе децении спорат околу минатото, идентитетот на етничките Македонци и прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Но, ако пред 1990 година тоа го правеа во марксистички контекст, сега го прават во европски. Но во овој европски контекст, како и порано, се разменуваат навреди и обвинувања, а различноста се отфрла. Додека повеќето луѓе расправаат за минатото како што тоа го прават кога ги гледаат и навиваат за своите омилени фудбалски тимови или спортисти, политичарите се натпреваруваат кој ќе даде „најпатриотска“ изјава и кој ќе ги добие симпатиите на народот и на националистите. Притоа се отфрлаат историските перспективи на другите и се квалифицираат како лажни, фалсификувани, политички, навредливи и слично. Сето ова на добар начин го покажува отсуството на плуралност и на демократски капацитет во нашите општества. Имено, во нашите општества повеќето од нас не дебатираат за историјата, туку навиваат за својата „историска вистина“. Но, Македонија и Бугарија не се единствениот пример. Слични проблеми постојат од Словенија до Кипар и до Турција. Секој има свој историски непријател кој е „крив“ за проблемите со кои се соочува сопствената заедница / држава. Од досегашните искуства, јасно е дека во нашиот регион, на Балканот, историјата и различните толкувања на минатото имаат голем потенцијал да создаваат и / или да одржуваат поделби.

И постојано си го поставуваме прашањето, што треба да направиме за нештата да се променат? Особено во ситуација во која очигледно недостига поддршка од владините, поточно од државните институции. Постојат голем број иницијативи од историчари и од сите оние кои на еден или на друг начин се занимаваат со минатото. Сите тие активности даваат одреден резултат, можеби не оној очекуваниот, но полека ја подигаат свеста во општествата за различните перспективи и за деполитизација на минатото. Но, она што можеби недостига во нашите општества е поголема солидарност меѓу интелектуалците, активистите, и сите оние што се спротивставуваат на политизацијата на историјата. За жал, многу е тешко да мобилизирате македонски интелектуалци  и активисти за прашањата и проблемите поврзани со воените злосторства и за прашањето околу наследството од војните што настанаа со распадот на социјалистичка Југославија. За Македонците тоа е проблем што ги засега Бошњаците, Хрватите и Србите, но не и Македонците. Верувам дека ниту во Босна не мислат дека проблемот со кој се соочуваат македонското и бугарското општество е нешто што ги засега нив. Тоа е резултат на општата состојба во нашите државички и зборува за отсуството на емпатија и на солидарност.

Да се вратам на македонско-бугарскиот проблем. Во изминативе два месеци ова прашање стана прашање на политичка егзистенција, есенцијално прашање за голем дел од општеството. Всушност, политичките аналитичари сметаат дека моменталната ситуација ја доведува во прашање и ЕУ перспективата на Балканот. Притоа, единствените реакции дојдоа од страна на интелектуалци од Бугарија и од неколкумина од нив од Македонија. Покрај нив се јавија уште пар специјалисти за Балканот од Германија и од Австрија. Но, несомнено е забележлив молкот на многу интелектуалци, организации што се занимаваат со овие прашања не само во Македонија и во Бугарија, туку и во други земји на Балканот и во Европа. Речиси е исто како кога се негира геноцидот во Сребреница, а бројни интелектуалци во Македонија само констатираат во своите канцеларии дека тоа не е добро. Улогата на интелектуалецот не е да ги комуницира својата работа и своите идеи со неколку истомисленици. Очигледно е дека отсуствува општественото и политичкото кај многу интелектуалци кои се занимаваат со минатото и со неговата улога и значење во современите општества. Во недостиг на поддршка од државните институции, неопходна е поголема и посолидарна активност и посилен глас на сите оние што ги застапуваат идеите за демократија и за помирување и кои се спротивставуваат на злоупотребата на минатото за политички и за националистички цели.

 

Петар Тодоров е историчар вработен на Институтот за национална историја во Скопје. Негов интерес е историјата на Балканот во 19 и 20 век, како и прашањето за историско образование и (зло)употреба на историјата во современите општества. Од 2018 година е член на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.