Тито беше човек од кабинетот, камерна атмосфера во која, очигледно, карактеристиките на неговата личност делувале поубедливо отколку што тоа може да се види на јавните настапи.

Срѓан Милошевиќ

Пропаста на социјализмот ги интензивираше дебатите и изостри разни критики на сметка на тој поредок, како глобално, така и во локален контекст. Дел од тој систем во југословенската варијанта беше и позиционирањето на Тито како харизматичен лидер, односно, таканаречениот „култ на личноста“. Ова не е најсреќен концепт затоа што во секуларната апропријација тоа подразбира дека поголема тежина се става на своевидната абнормалност на постоењето на таков „култ“, а помала на тоа за каква личност се работи, и тоа не во персонална смисла, туку во смисла на нејзиното историско дејствување. Така се запаѓа во замка на обратна необјективност: наместо некритичко величање – некритичко оспорување. Затоа е подобро да се зборува за „харизматичен лидерски поредок“, бидејќи тој израз ѝ дава извесна заслуга и на личноста која се наоѓа во неговиот центар.

Величањето на лидерот и негувањето на неговата харизма несомнено, уште во времето на Тито, било несимпатичен анахронизам. Во една република, таквиот систем уште повеќе се чинел неприроден и одбоен, особено неговата постсоцијалистичка хипертрофија поради долгото траење на неговата централна личност. Во сето тоа нема ништо на што денеска треба да се гледа со наклонетост. Но, освен фактот дека таквиот однос кон личноста на владетелот беше наследство на околината, објаснувањето за конституирањето на таквиот однос лежи во поконкретни содржини.

Најпрво – Народноослободителната војна. Улогата на воен лидер со ореол на победник дури и во средините со помодерна политичка култура (со покритичен однос кон поединецот на власт) еманира углед и харизма со несекојдневна снага. Во општество кое, згора на сѐ, има и особено развиена ослободителна традиција, воената победа е сигурен пат кон масовно прифаќање, дури и кога ова не би имало и додатен програмски карактер, кој ја следел Титовата личност уште од воениот период (да ги земеме само за пример фотографиите на Скригин и бистите на Аугустинчиќ).

Револуцијата е втора подлога на феноменот за кој станува збор. Таа имаше конститутивно значење за нов, поправеден и од многу аспекти, секако, успешен поредок на социјалистичкото општество. Во природата на секој систем, не само во доменот на глобалните социјални односи, туку и во специфични области (вклучувајќи ја и најрационалната од сите – науката), е да им се оддаде посебна почит на неговите основачи. Идејата за „татковците-основачи“ е древна трансисториска и крос-културна појава, која дури во релативно поновиот период е ублажена, но не исчезнала до ден-денес.

Следната важна околност што, како објективен фактор, придонесе за раст на позицијата на Тито како неприкосновен лидер е раскинувањето со СССР, одбраната на независноста на Југославија и растот на угледот на самиот Тито и Југославија на меѓународната сцена. Веројатно ниту еден светски лидер никогаш не уживал толку почит, барем на манифестно ниво, што секако придонесе за угледот на самата земја.

Наведените околности биле толку силни што дејствувале дури и против некои лични квалитети на самиот маршал Тито. Тој обично не изгледаше лежерно на масовни манифестации и на повнимателен набудувач нема да избега впечатокот на одредена изнасиленост. Тито беше човек од кабинетот, камерна атмосфера во која, очигледно, карактеристиките на неговата личност делувале поубедливо отколку што тоа може да се види на јавните настапи. Тито од митинзите и големите прослави е само една димензија на оваа сложена личност.

 

Срѓан Милошевиќ, еден од водечките српски историчари од помладата генерација