Сè додека политичките елити во Косово и Србија имаат за цел само одржување на моќта, а не развој на земјата, етничкиот и националистички екстремизам или елементи на екстремната десница ќе бидат присутни и активни во нашите земји.

Скендер Пертеши

Светот денес се соочува со растечки безбедносни закани и ризици. Војните на Блискиот исток, економската стагнација, недостатокот на вработување и можности за младите и илегалната миграција доведоа до зголемено незадоволство кон сегашниот политички естаблишмент во многу земји. Сето ова доведе и до зајакнување на екстремните политички движења од различни форми, особено партиите и екстремните десни и леви движења. На подемот на крајната десница и на разни радикални движења ширум светот му помогнаа и тероризмот и насилните исламски движења, кои започнаа разни терористички напади ширум светот.

Во денешно време, најопасните форми на тероризам и насилен екстремизам се оние мотивирани од екстремно десничарски движења, каде што различни лица или организации преземаат терористички напади предизвикувајќи голем број убиства. Овие групи се обично мотивирани од радикални елементи на екстремната десница, или дури и бели врховисти, како резултат на нивните наративи или пристап кон теми како што се: илегална миграција, бегалци, права на мигранти и слични теми.

Етнички-националистичкиот екстремизам или радикални елементи на екстремната десница се исто така присутни во регионот на Балканот. Како резултат на конфликтите во периодот 1990-1999 година во земјите од поранешна Југославија, како и заради несоодветно решавање на воените злосторства и репарации, особено оние во Босна и Херцеговина и Косово, предизвикани се големи тешкотии во процесот на помирување меѓу народите на Балканот. Долго време, овие несогласувања во нашиот регион постојано ги одржуваа во живот екстремните националистички чувства на народите на Балканот на штета на едни со други, зголемувајќи ја омразата меѓу народите, особено меѓу Албанците и Србите.

Досега, политичките елити во Косово и Србија не успеаја да ги решат основните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, а тоа се: борба против криминалот и корупцијата, зајакнување на владеењето на правото, создавање можности за работа, обезбедување на стручно образование и квалитетна здравствена услуга. Не успевајќи да ги решат основните проблеми на граѓаните, владите во обете земји обично измислуваа кризи, користејќи го национализмот како нивно најсилно оружје, со цел да го свртат вниманието од неуспесите во нивното управување. Постојаниот дискурс на политичките елити за национализмот и војната, како и нивната злоупотреба, доведе до зајакнување на омразата меѓу Србите и Албанците, најголемите нации во регионот.

Сè додека политичките елити во Косово и Србија имаат за цел само одржување на моќта, а не развој на земјата, етничкиот и националистички екстремизам или елементи на екстремната десница ќе бидат присутни и активни во нашите земји. Владите на двете земји треба сериозно да се справат со несогласувањата и предизвиците меѓу двата народа и земјите, кои вклучуваат решавање на прашањето за исчезнатите, плаќање за воени репарации, барање за прошка и признавање на страните во конфликт, што ќе го направи можно помирувањето меѓу двата народа кои беа во конфликт многу долго време. Ова би бил најдобриот начин да се спречи ширењето на елементите на етнички и националистички екстремизам и други форми на екстремизам кои во минатото се покажаа како многу опасни, особено за балканските земји.

 

Скендер Пертеши работи како истражувач во КЦСС и е раководител на програмата КЦСС за спротивставување и спречување на насилен екстремизам