Дали оние кои ги има повеќе, и претставуваат поголеми и поинтересни пазари, се повредни од малите и од сиромашните? Каде исчезнаа солидарноста, реципроцитетот и еднаквите права на малите општества и на општествата во развој? Има ли тука правда и еднаквост?

Сенад Бегиќ

Пандемиите имаат неверојатна моќ да ги генерираат или да ги влошат сите добро прикривани социјални кризи, кои не само што дополнително ги ослабуваат и онака кревките здравствени системи, туку и разоткриваат многу слабости и мани на социјалните организации и на меѓународните односи.

Речиси без исклучок, повеќето автори на полето на етиката и на заразните болести се согласуваат дека постојат седум етички принципи што мораат да се земат предвид при разгледувањето и носењето одлуки на национално ниво во контекст на пандемија и на епидемија (праведност, добродетелство, потенцијални придобивки, почитување на личните и на колективните права, лична слобода, реципроцитет и солидарност), како и дека постојат најмалку три клучни етички прашања поврзани со етичката распределба на ресурси при индивидуалната вакцинација во овие околности.

Првиот принцип подразбира подеднакво овозможување на максимални придобивки од вакцинацијата за сите поединци, со истовремено ограничување на несаканите влијанија на епидемијата. Вториот принцип подразбира обезбедување на приоритет за вакцинација на оние членови на општеството кои се на кој било начин во неповолна или, пак, во понеповолна положба во однос на повеќето други, вклучувајќи ги тука и здравствено загрозените поединци поради разни медицински состојби и болести, како и оние кои се изложени на социоекономска сиромаштија и угнетување. Третиот принцип подразбира дека, при алокацијата на ограничени ресурси, сите разлики во раса, пол или религија, треба да бидат занемарени на наједноставен можен начин за да не им наштетат или да не им го одземат приоритетот на загрозените групи жители.

Ако индивидуалните правила се јасни, дали таквата ситуација е идентична и кога споредуваме општества? Или, изгледа, постојат одредени општества кои се „поеднакви“ од другите само затоа што се побогати? Дали оние што можат да платат „сѐ“ се подобри од останатите? Дали оние кои ги има повеќе, и претставуваат поголеми и поинтересни пазари, се повредни од малите и од сиромашните? Каде исчезнаа солидарноста, реципроцитетот и еднаквите права на малите општества и на општествата во развој? Има ли тука правда и еднаквост?

Во така „поделените карти“, државите во развој се принудени да прифаќаат помош, и покрај силните чувства на понижување и на обврска кон донаторите, при што помошта секогаш доаѓа под одредени услови кои неретко претставуваат мешање во внатрешните работи на начини што се понаметливи и од традиционалните трговски аранжмани на бившите колонизатори.

И, не се работи овде само за вакцините.

Во неодамнешниот извештај на Oxfam се наведува дека богатството на десетте најимотни луѓе на светот во текот на пандемијата пораснало за преку 500 милијарди долари – количина на пари што би била доволна да обезбеди вакцина за секое лице на светот, како и да спречи кој било да западне во сиромаштија поради вирусот. А сепак, сиромаштијата никогаш не била поизразена, а вакцините никогаш не биле понедостапни. Дали тоа е свет за кој вреди да се бориме?

Изгледа дека не сме ни блиску да сфатиме дека, во сета наша (само)деструктивност, убивањето на себе и на природата, во сите кавги, конфликти и уништувања, историјата и развојот на човечкиот вид и цивилизација не ги обележале само војни и битки, туку и вошки, болви и комарци, бактерии и вируси. И така и ќе биде сѐ додека не бидеме подготвени да ја делиме оваа планета со нив и со природата.

Во целост е јасно, донекаде и разбирливо, дека во сите наведени контексти едноставно не е возможно истовремено да се задоволат сите потреби и очекувања, сите граѓани и општества во целина, и од тоа не треба да се бега. Меѓутоа, тоа лидерите, особено оние на развиените општества и компании, не ги аболира од обврската при носењето одлуки, особено вон национален контекст, непрестано да ги мерат, да ги вагаат и да воспоставуваат приоритети меѓу конкурентните етички вредности на сите нивоа на функционирање, затоа што тоа е нивна морална и политичка обврска како наднационални лидери на модерниот свет. Дали навистина е така или светот стана место каде што секој гледа само во сопствениот двор и во дворовите кои носат приходи?

Одговорот нека го даде секој читател.

Затоа што овде не се работи само за вакцините.

 

*Ставовите изнесени во текстот претставуваат исклучиво лични погледи и размислувања на авторот. Сите останати споменати субјекти имаат свои ставови, вклучувајќи го и работодавецот.

 

Д-р Сенад Бегиќ е епидемиолог. Додатните знаења од областа на етиката во био-медицинските науки ги остварил преку програмата за унапредување на образованието од областа на етиката на Балканот и во државите од црноморскиот басен.